По повод одбележување Светска недела на доењето (од 1 до 7 август), денес во Министерството за здравство се одржа прес-конференција на која присуствуваа претставници од Поткомитетот за доење, во рамки на Комитетот за безбедно мајчинство.
Претседателката на Поткомитетот за доење, д-р Мими Кимовска Христова истакна дека мајчиното млеко е храна и таа треба да биде достапна во секое време и во секоја институција, а доењето на работно место, како што гласи и мотото на годинешниот светски ден, претставува глобален предизвик, што треба да се реши што поскоро.
Д-р Кимовска-Христова посочи дека подигањето на свеста кај сите работодавци е од клучно значење, бидејќи така ќе се овозможи непрекинато доење на детето, без разлика дали тоа ќе биде преку доење во домашни услови или носење на работно место.
Воедно, д-р Кимовска-Христова информира дека во последниот период е забележан пораст на бројот на предвремено родени деца, на кои доењето им е и најпотребно. Во рамки на одбележувањето на неделата на доење Институтот за јавно здравје изработи водич за доење, објавен на веб страната на ИЈЗ.
https://iph.mk/wp-content/uploads/2023/08/Vodic-za-doenje.pdf