Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче и деканката на Медицинскиот Факултет во Скопје, проф. д-р Соња Топузовска, денеска, одржаа средба со студентите од шеста година по општа медицина. На средбата се разговараше за вклучување на студентите, идните лекари во процесот на справување од коронавирусот.
-Во услови кога се соочуваме со најголемата светска здравствена криза, студентите по медицина, иднината на нашето здравство, активно се вклучува во поддршка на своите колеги. Студентите се едногласни дека сакаат и можат да помогнат во периодот кој следува. Нивниот ангажман ќе биде помош на колегите епидемиолози во телефонска комуниција со пациентите, изработка на епидемиолошки анкети и обработка на податоците, истакна министерот Филипче по средбата и додде дека тие нема да имаат физички контакт со пациенти заболени или суспектни на Ковид-19.
Ангажманот на студентите ќе трае шест месеци и ќе биде поделен во три фази. На секои два месеца по 50 нови студенти ќе бидат ангажирани во центрите за јавно здравје.
-Вклучувањето на студентите по медицина во борбата против Ковид-19 е директна помош на здравствените работници и здравствениот систем кои го носат најголемиот товар во оваа криза. Дополнителна придобивка е што студентите освен што ќе стекнат искуство, преку овој ангажман ќе ја реализираат клиничката практика по јавно здравје која ја извршуваат во шестата година од студиите и истата ќе им биде признаена, потенцира проф. д-р Соња Топузовска, деканка на Медицинскиот факултет во Скопје.
Координацијата и распределбата на групите е во тек, ангажманот на студентите ќе почне во најкраток можен рок.