ВО ПОЛИКЛИНИКАТА “ЖЕЛЕЗАРА” СЕ РЕНОВИРАНИ КАБИНЕТИ, НАБАВЕНА Е НОВА ОПРЕМА И ЗАЈАКНАТ Е МЕДИЦИНСКИОТ КАДАР

Во Поликлиниката на секундарно ниво „Железара“ во изминатите две години се реализирани бројни инвестиции за набавка на нова медицинска опрема и реконструкција и реновирање на кабинетите, во вкупна вредност над 18 милиони денари.

Формиран е нов дијагностички кабинет, во кој функционираат сите ултразвучни апарати и апаратот за дензитометрија, со што се зголеми бројот на прегледани пациенти, имајќи предвид дека апаратите се искористуваат во целост и кабинетот работи во две смени.

Комплетно се обновени и преуредени и кабинетите за физикална и рехабилитациска медицина, кабинетот за ЕЕГ, реновиран е влезниот хол и поставен е нов централен шалтер.

Од аспект на подигнување на квалитетот на здравствените услуги во установата, набавен и ставен во функција e нов апарат за ЕЕГ, во вредност над 1 милион денари, со кој значително се зајакнува кабинетот за неврологија. За рендген кабинетот се обезбедени дигитален апарат за панорамско снимање заби и ултразвучен апарат со елестограф за ЕХО на дојка, за очниот кабинет нов апарат за OCT, бесконтактен тонометар, орторајтер, во кабинетите по интерна медицина – нов холтер за крвен притисок и ЕКГ холтер систем, како и бројни апарати наменети за кабинетот по физикална терапија, меѓу кои: апарат за електро терапија и ултразвучна терапија, магнетна терапија, ласерска терапија, вакуум терапија, термотерапија (парафински казан), ламба со инфрацрвено зрачење итн.

Исто така, кабинетот за дерматовенерологија е доопремен со комплетно нов електрокаутер, апарат за крио терапија, дермоскоп, бактерицидна ламба, како и нова центрифуга и микроскоп за лабораторијата во оваа установа.

Изминатиот период во оваа јавна здравствена установа е реализирано и значително зајакнување на медицинскиот персонал во повеќе дејности, со вкупно 22 вработувања, меѓу кои: шест доктори специјалисти од областа на радиологија, медицинска биохемија, оториноларингологија, неврологија, медицина на труд и физикална медицина, седум медицински сестри, двајца физиотерапевти, четири медицински лаборанти, рендген технолог, психолог и фармацевтски техничар.

Сподели на:

Related Posts