Д-р Маја Манолева, заменик министерка за здравство, од 10 до 12 мај во Луксембург, учествува на состанок на високо ниво, во рамки на иницијативата за мали земји, организиран од СЗО, насловен како ,,Унапредување на здравјето и благосостојбата“.
Во своето обраќање на панел дискусијата, на која учествуваа и министрите за здравство на Луксембург и Исланд, како и претставник од Европската комисија, д-р Манолева истакна дека Владата на Република Северна Македонија се повеќе ја препознава важноста на политиките и инвестициите во благосостојбата како средство за постигнување одржливост и инклузивен развој. Пандемијата со КОВИД-19 значително придонесе за градење на националниот консензус дека здравствениот сектор е суштински за стабилна и функционална економија.
-Во Република Северна Македонија над 90 проценти од населението е покриено со здравствено осигурување, што го илустрира нашиот напредок во однос на приближувањето кон универзално здравствено покривање. Сепак, свесни сме дека универзалната здравствена покриеност подразбира и пристап до квалитетни здравствени услуги на населението тогаш кога им се потребни, насекаде на територијата на државата, без дополнителни финансиски трошоци и оптеретувања. Меѓу нашите национални приоритети е да испорачаме јавни здравствени добра и политики кои создаваат услови за здрав живот за сите потенцираше заменик министерката на панелот.