ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА ПЛАТИТЕ ЗА ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ, ИНВЕСТИЦИЈА ВО ЧОВЕЧКИ КАПИТАЛ, ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО НО И ВО ИДНИНАТА НА ДРЖАВАТА

Во мигови кога целиот свет се соочува со криза за јавното здравје, јасно е дека здравството и здравствените работници се еден од клучните столбови во државата, кои се во постојана борба за справување со коронавирусот, но се и најизложени на ризици. Како резултат на несебичните заложби на вработените во здравствените установи за сите здравствени и нездравствени работници коишто беа вклучени и сè уште се вклучени во работа со пациентите заболени од коронавирусот во нашата земја, доктори, медицински сестри, но и нездравствени работници – болничари, транспортери, возачите во службата за итна медицинска помош ќе добијат награда од 20% од основната плата за два месеци. Начинот на исплата ќе биде со платежната картичка која се чека да биде подготвена од страна на министерството за финансии.

„Оваа награда е само дополнување на она на што веќе работиме подолг период во Министерството за здравство – вложуваме во човечкиот капитал, во јавното здравје, зошто знаеме дека само квалификуван и мотивиран медицински кадар е еден од основните предуслови за квалитетно здравство. Почнувајќи од 2018 година постојано вложуваме во вработените во јавното здравство и во споредба со декември 2017 година сега за илустрација само основната бруто плата на лекарот специјалист е зголемена за повеќе од 50%, на медицинските сестри за 33%, на општите лекари за 29%, а на здравствените соработници за 15%, не сметајќи ги наградите.“ – изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Првото покачување на платите во јавното здравство беше во месец септември 2018 година, на 19.123 вработени во јавно-здравствените установи им се зголеми основицата за плата за 5%; во јануари 2019 година, следеше дополнително зголемување на платите на здравствените работници, доктори, медицински сестри, болничари, техничари, 5% за медицинските сестри, 8% на медицинските сестри на Клиниките и 10% за докторите специјалисти; и во септември 2019 година за 5% беше зголемена платата на администрацијата во здравството. Со зголемувањето на платите за февруари 2020 година на лекарите специјалисти за 25%, и на медицинските сестри за 10%, се заокружува циклусот на покачувања на плати во здравството.

За илустрација просечно пресметаната и исплатена платата за профилот наставен кадар во декември 2017 година изнесувала 87.517 денари во бруто износ и до февруари 2020 година е зголемена на 122.810 денари или 40,3% зголемување на бруто износот. Просечната плата на доктор специјалист во декември 2017 година изнесувала 72.192 денари во бруто а во февруари 2020 година е зголемена на 111.377 денари – зголемување од 54%, додека кај доктор на медицина во декември 2017 година изнесувала 45.952 денари во бруто износ и во февруари 2020 година се зголемува на 58.991 денари, односно зголемување од 29%.
Кај медицинските сестри со ВСС во декември 2017 година просечната плата изнесувала 37.753 денари во бруто и во февруари 2020 година е зголемена на 50.376 денари, а кај  медицински сестри со ССС во декември 2017 година изнесувала 28.814 денари и до февруари 2020 година се зголемила на 38.182 денари во бруто износ. Односно зголемувањето на просечната бруто плата кај медицинските сестри е 33,4%, односно 32,5%.

Кон овие зголемувања во платите, во текот на изминатите две години зголемени се коефициентите за исплата на дежурства на здравствените работници 4 до 5 пати и тоа 20% зголемување добива наставниот кадар, 25% – лекарите специјалисти, 15% – општите лекари, 10% – медицинските сестри, и по 5% здравствените соработници и помошно техничкиот персонал.

При тоа, Филипче истакна: „Иако ова е едно од најголемите покачувања на надоместоците во здравството со кои ги зајакнуваме професионалните капацитети на здравствените работници, тоа не го сфаќаме како трошок, туку како инвестиција во јавното здравство, но и во иднината на државата со оглед на тоа што имаме значителни подобрувања во сите сегменти на здравството, што директно ќе влијае врз одлуката на здравствените работници својата кариера да ја градат во нашето јавно здравство. Во мигови на здравствена криза како оваа која ја живееме денес, тоа се покажува како добра стратегија и инвестиција.”

Министерот Филипче потсетува и дека во периодот откога е на чело на Министерството за здравство, дадени се повеќе од 5.000 согласности за вработувања во јавно-здравствените установи во земјава, а за 15% е зголемен капитациониот бод на матичните лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија и одобрени се повеќе од 1.000 специјализации и супспецијализации.

Сподели на:

Related Posts