ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ СВЕТСКИ ДЕН ЗА БОРБА ПРОТИВ РАКОТ: ВО КОНТИНУИТЕТ СЕ ОБЕЗБЕДУВА КВАЛИТЕТНА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА ЗА ЛИЦАТА СО МАЛИГНИ ЗАБОЛУВАЊА

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче денеска се обрати на прес конференцијата по повод одбележување на 4 февруари–Светски ден за борба против ракот, во организација на Здружението за борба против рак „БОРКА – за секој нов ден“.

Во своето обраќање, министерот истакна дека се обезбедува квалитетна здравствена заштита за лицата со малигни заболувања, олеснета е и процедурата за набавка на биолошките лекови, со спроведување централизирана набавка на лековите.

„Министерството за здравство максимално ги вложува сите свои капацитети за да го олесни пристапот до лекови и да го подобри третманот на пациентите со малигни заболувања. Биолошките лекови досега ги набавуваа клиниките од условните буџети, а сега се набавуваат централизирано. Станува збор за лекови, кои претежно не се на позитивна листа, а се неопходни за онколошки, хематолошки, невролошки и ревматолошки пациенти, со малигни, инфламаторни и автоимуни болести. Исто така, се набавуваат иновативни лекови за рак за дојка, рак на бели дробови, метастазиран меланом, хематолошки болести, лимфоми, мултиплекс склероза, ревматоиден артритис, васкулитис, со кои се опфаќаат голем број пациенти, имајќи предвид дека долги години немало влез на иновативна терапија во државата. Овие промени значително ќе го олеснат третманот“, истакна министерот Филипче.

Министерот посочи и дека се работи на намалување на времето на чекање за прегледи и воведување дополнителни термини за мамографија и ехо на дојка. „Првпат досега, во соработка со ФЗОМ се обезбедени бесплатни ортопедски градници, за жените што се оперирани од рак на дојка и имаат потреба од градник. Исто така, со Комората на психолози е потпишан Меморандум за соработка со кој се обезбедува психолошка поддршка на пациентите и нивните семејства, особено на онколошките одделенија. Во соработка со невладиниот сектор, обезбедена е и куќа за родители кои не се од Скопје, а имаат деца на подолг престој во болница или се лекуваат од рак, имајќи предвид дека психолошката поддршка е многу важна во целиот процес на лекување“, дополни министерот.

Минатата година во Македонија се регистрирани 9.642 новозаболени лица со малигна неоплазма, од кои 72 деца и 3.122 лица на возраст од 60 до 70 години.

На годишно ниво, Министерството за здравство изготвува посебна Програма за рана детекција на малигни заболувања, во рамки на која се реализираат повеќе превентивни и промотивни активности, меѓу кои за скрининг за карцином на грлото на матката, скрининг за карцином на простата, скринингот за карцином на дојка итн.

Во своето обраќање, министерот Филипче посочи дека минатата година за првпат успешно беше извршена несродна трансплантација на матични хематопетски клетки, со која македонското здравство стана дел од мапата на светските и европски медицински центри за лекување на најтешките болести на крвта, а пред еден месец првпат досега успешно е трансплантирана коскена срцевина кај дете.

Share This Article :

Related Posts