Да се биде доктор, сѐ уште го имам истото чувство од денот кога дипломирав на Медицински Факултет во Скопје, возбуда што континуирано учам за човечкото тело, за болестите, за начините на лекување и како модерната апаратура може да се употреби за следење и за третман на пациентите. Секогаш ме следи едно чувство на одговорност, гордост и чест што ми е доверено да давам медицински совети и да лекувам луѓе и благодарен сум што ми е дадена можност да им помогнам на луѓето или најмалку да ги послушам, што секогаш имам можност да придонесам за подобрување на состојбата во која се наоѓа пациентот. Се чувствувам привилегиран што сум со моите пациенти во моменти што го дефинираат нивниот живот и неверојатно среќен работејќи со колеги, кои континуирано ме едуцираат.
Сепак, не е се розово, има многу фрустрации, дежурства, администрација без крај, различни компјутерски системи, постојаниот притисок и чувство дека треба повеќе да се потрудам и дека можев повеќе да направам за пациентот. Кажувајќи го сето ова со сите подеми и падови, да се биде доктор е неверојатна професија и не можам да замислам да работам нешто друго.