Министерот за здравство д-р Венко Филипче денеска беше во работна посета на болниците во Кичево и во Струга, при што оствари и средба со градоначалникот Рамиз Мерко.
– Повод за посетата е лично да се запознаам со условите за работа во Општата болница во Струга, можностите за подобрување на медицинските услуги за пациентите и квалитетот на здравственита заштита, потребата од потенцијална реорганизација на болницата, во насока на нејзина регионализација, како и потребите од нови кадри и нивна доедукација.
– Разговаравме и за можноста за развивање нов проект за приватно јавно партнерство во здравствениот систем. Интенција на Министерството за здравство е воспоставување нов систем на соработка во системот преку приватно и јавно партнерство, односно се она со што располагаме да биде дадено на приватни партнери и за сметка на тоа да добиеме квалитетна здравствена институција, посочи министерот Филипче.
Во врска со најавите за реконструкција на објектот на Општата болница во Струга, министерот за здравство појасни дека за тоа прашање било разговарано со надлежните локални власти и градоначалникот Мерко, притоа посочувајќи го како најдобро решение изградба на нов објект на сосема нова локација што би била договорена со локалната самоуправа.
Директорот на Општата болница – Струга, Асим Муса укажа на потребата од подобрување на условите за лекување во примарна и секундарна здравствена заштита, имајќи ги во предвид бројноста на населението што ги покрива установата и дополнително услугите што ги дава на пациенти од соседните општини и од пограничните места во Република Албанија.
– Установата поседува добри кадри, професионалци, но постои потреба за што побрзо преземање мерки за подобрување на функционалноста на постојните одделенија во ОБ Струга.
- Министерот за здравство д-р Венко Филипче, денеска ја посети и Општата болница во Кичево, каде се сретна со директорот на оваа јавна здравствена установа, Билјана Настеска и со директорот на Здравствениот дом, Осман Сејдини, при што го посети и новиот објект на ОБ Кичево, што е во изградба, како и постојните објекти каде работат лекарите во Кичево.