ОБЕЗБЕДЕНИ БУЏЕТСКИ СРЕДСТВА ЗА ИСПЛАТА НА НАДОМЕСТ ЗА ПРИВАТНИТЕ СПЕЦИЈАЛИЗАНТИ ЗАПИШАНИ НА КОНКУРСОТ ВО ЈАНУАРИ 2018

Министерството за здравство со помош на Владата на Република Македонија обезбеди буџетски средствата за исплата на приватните специјализанти запишани на конкурсот во јануари 2018 година.

Сите приватни специјализанти (92 кандидати), кои се стекнаа со правото да добијат месечен паричен надомест на последниот конкурс за приватни специјализации не биле искалкулирани во буџетот на РМ донесен при крајот на 2017 година. Од тие причини стручните служби работеа подолго време од вообичаеното, со цел да обезбедат буџетски средства за сите колеги-специјализанти да добиваат редовен месечен надомест за нивниот труд и работа. Со тоа ја исполнивме нашата цел сите приватни специјализанти да бидат наградени за вложениот труд.

Потенцираме дека средствата на специјализантите ќе бидат исплатени ретроактивно, односно од моментот кога министерството се заложи и вети дека ќе ја почне исплатата, поточно од месец јуни 2018 година.

Оперативно, исплатата ќе почне веднаш штом се завршат процедурите меѓу ФЗОМ и Клиниките на кои специјализираат приватните специјализанти, односно во најбрз можен рок.

Дополнително, потенцираме дека клиниките редовно ги исплаќаат специјализантите (околу 200), кои во моментот се активно на специјализација запишани во минати години.

 

Сподели на:

Related Posts