ОДРЖАНА ЈАВНА ДЕБАТА ЗА ДИСПЕРЗИЈА НА ГРАДСКИТЕ БОЛНИЦИ НА ПОВЕЌЕ ТОЧКИ НА ТЕРИТОРИЈАТА НА ГРАД СКОПЈЕ

Во организација на Министерството за здравство, во Музејот на современа уметност беше одржана јавна дебата на тема „Потребата од дисперзија на градски болници на повеќе точки на територијата на град Скопје“. На дебатата, како панелисти, учествуваа доц. д-р Венко Филипче, министер за здравство на Република Македонија, прим. д-р. Иван Спировски, в.д. директор на Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охдридски“ – Скопје и Иван Арсовски, д.и.а. (планер – урбанист) во Агенција за планирање на простор. 

– Сите ние, вработени во здравствениот систем имаме една основна цел – да им овозможиме на пациентите максимално квалитетна здравствена услуга. Скопје е речиси милионски град, распослан по должина на повеќе од 30 километри и има прекумерно густ сообраќај и дневна миграција на повеќе од 100.000 граѓани, па оттука се јавува и потребата од постоење повеќе болници во Скопје, кои ќе имаат болнички и логистички капацитети да прифатат доволен број пациенти со различна дијагноза, од различен карактер и многу често со потреба од итна реакција.

Доволен број градски болници ќе значи и намалување на притисокот врз терциерното ниво на здравствена заштита, пред се од големата фреквенција на сите оние пациенти со здравствени состојби кои реално може да бидат третирани на секундарно ниво, а поради пребукираност или недостапност на тоа ниво, имаат потреба да завршуваат во здравствена установа од терциерно ниво.

Денес разговаравме за сите овие аспекти и проблеми – во каков правец да се развие и дисперзира секундарната здравствена заштита во Скопје преку отворање на Градски Болници на повеќе точки низ градот.“ – изјави министерот за здравство доц. д-р. Венко Филипче.

По завршувањето на јавната дебата беа презентирани идејните решенија кои учествуваа во конкурсот за идеен проект за новата Градска Болница во општина Аеродром.

Сподели на:

Related Posts