Во организација на Министерството за здравство и тимот на „Роса“ се организира обука за здравствени работници (педијатри, неонатолози, акушерки и медицински сестри) од Здравствен дом-Скопје, Клиничка болница-Битола и болницата во Гостивар, со цел пренесувaње на знаењата за успешно функционирање на школите за родителство. Обуката се одржува во Институт за јавно здравје на Р.Србија.
Школите за родителство во Македонија ќе почнат да функционираат од втората половина на ноември. Првата школа од овој вид ќе биде отворена во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, а до крај на годината ќе се отворат и во Клиничка болница-Битола и болницата во Гостивар.
Во рамки на школите ќе се обезбедуваат основни информации за улогата на родителите при грижата на новороденчето, подготовка на потесното семејство за новиот член, со цел одговорно и успешно родителство.
Исто така, цел на овие школи е промоција и заштита на здравјето на мајката и бебето, јакнење на капацитетите на идните родители за одговорно родителство, запознавање на правата од областа на здравствена и социјална заштита, унапредување на достапноста и квалитетна здравствена заштита. Инаку во Србија функционираат 20 школи за родителство, а кај нас се започнува со отворање на првите 3 школи(Скопје, Битола и Гостивар), со интенција за нивно проширување и во други градови.