Министерот за здравство Доц. д-р Венко Филипче денеска, прогласи епидемија од морбили на цело подрачје на градот Скопје и предложи мерки за населението како да се заштити ширењето на ова исклучително опасно заболување, од кое луѓето можат да се заштитат со вакцинација.
Покрај седумте случаи кои пред десетина дена се појавија во скопската населба Радишани, деновиве има нови, уште 12 случаи, од речиси сите општини во Скопје од кои 6 (шест) официјално лабараториски потврдени и 6 (шест) со јасна клиничка слика за кои се чекаат и официјални лабараториски потврди.
Сите заболени се невакцинирани лица, станува збор за деца на возраст од 8 месечна возраст, но и возрасни со 32 и 47 години.
На Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби двајца од пациентите имаат потешка клиничка слика на воспаление на белите дробови.
Повикувајќи се на Законот за заштита на населението од заразни болести, членовите 56 и 57, од утре (3 јануари 2019 година) стапува на сила времена мерка забрана за носење на сите невакцинирани деца од МРП вакцината во сите градинки на подрачјето на град Скопје.
„Информираме дека за жал на територијата на градот Скопје има нови 12 случаи, 6 се дефинитивно потврдени со соодветните анализи, за останатите 6 ги очекуваме во текот на следниот ден. Од 15.000 невакцинирани деца со повиците од вакциналите пунктовите само 310 се вакцинираа, што е мала бројка. Добра околност е што училиштата не работат, поради распустот. Но, секако состојбата ја имаме под контрола. Станува збор за исклучително сериозно заболување што за жал понекогаш е фатално по животот на децата. Секое непочитување на препораките е дополнителен ризик по здравјето на целото население“, изјави министерот Филипче.
Првиот случај е заболено лице на возраст од 3 години, со место на живеење во општина Аеродром, невакцинирано со МРП вакцина, посетител на предучилишна установа „Бамби“ во населба Аеродром, но не било присутно во градинката повеќе од еден месец заради варичела.
Вториот случај е заболено дете на возраст од 1,5 година со место на живеење во општина Гази Баба, невакцинирано со МРП вакцина, посетител на предучилишна установа „Фидани“ во населба Чаир.
Третиот случај е заболено дете на возраст од 4 години со место на живеење во населба Радишани, општина Бутел, невакцинирано со МРП вакцина, посетител на предучилишна установа „11 октомври“ во населба Бутел 1 во која подолго време не бил присутен.
Четвртиот случај е заболено лице на возраст од 32 години со место на живеење во општина Кисела Вода, невакцинирано со МРП вакцина. Петтиот случај е заболено дете на возраст од 8 месеци со место на живеење во с.Љуботен, општина Бутел, невакцинирано со МРП вакцина, не посетува предучилишна установа.
Клинички поставена дијагноза на морбили за лице на возраст од 47 години со место на живеење во општина Аеродром, со непознат МРП вакцинален статус.
Клинички поставена дијагноза на морбили за лице на возраст од 4 години со место на живеење во општина Центар, невакцинирано со МРП вакцина, посетител на предучилишна установа „Чекорче“ во населба Аеродром.
2,5 годишно заболено дете со клинички поставена дијагноза на морбили, хоспитализирано на Клиниката, со место на живеење во општина Аеродром, посетител на предучилишна установа „Сонце“ во населба Аеродром.
Во моментов (02.01.2019 година) имаме 7 лабораториски потврдени епидемиолошки поврзани случаи на морбили во населба Радишани, општина Бутел, Скопје, каде се пријави епидемија на морбили на локално ниво (населба Радишани), како и појава на 6 лабораториски потврдени случаи на морбили и 6 случаи со клинички поставена дијагноза на сомнение на морбили (лабораториско докажување во тек) од различни делови на град Скопје. Со оглед на тоа дека имаме зголемен број на случаи на високо контагиозно заболување морбили, регистрирани во одреден кус период (сите случаи се појавени во сеуште незавршениот инкубационен период на веќе појавените случаи на морбили во населба Радишани) на подрачје на Скопје, и покрај тоа што сите случаи не се епидемиолошки поврзани, имаме основана епидемиолошка индикација за пријавување на епидемија на морбили на цело подрачје на Скопје.