Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување-КАРИЛ, доби донација од Sport Life, која се состои од два монитора за следење витални параметри со два модула за мерење инванзивен притисок, кои се веќе пуштени во употреба.
-Голема благодарност до компанијата за оваа донација, која е многу важна за работата на медицинскиот кадар, и донација со која значително се подобрува функционирањето на интензивното одделение на КАРИЛ, рече министерот Филипче.
Станува збор за донација од обложувалницата Sport Life, во вредност од 400 илјади денари или 6,5 илјади евра.
-Овие монитори се важни за нашата работа, најмногу за пациентите на интензивна нега, за активно следење витални параметри без кои не може едно современо интензивно одделение, изјави директорката на КАРИЛ, д-р Маја Мојсова Мијовска.
Двата монитора ја имаат функцијата за следење на виталните параметри на пациентите, мерење крвен притисок, пулс и пулс оксиметрија, инванзивен притисок и ЕКГ. Со оваа донација, се подобруваат условите на КАРИЛ и можноста за следење на здравствената состојба на пациентите.
-Sport Life, како општествено одговорна компанија ги поврзува спортот и хуманоста во едно. Особено ни е драго, што во тоа успеавме со акцијата „Голови за победа, голови за радост“, во рамки на Светското првенство во ракомет. Секој гол и успех на нашите ракометари значеше чекор поблиску до реализација на донацијата. Токму денес, имаме чест и да ја доделиме. Тоа се двата монитора за витални параметри кај пациентите, кои во соработка со Министерството за здравство се наменети за клиниката за КАРИЛ. Здравиот живот и хуманоста се дел од нас, дел од спортот и Sport Life, потенцираше претседателот на Управен одбор на Sport Life групацијата, Горан Павиќевиќ.