Во пет здравствени институции во државата од утре ќе се врши тестирање за коронавирус со брзи антигенски тестови. Тестирања ќе се вршат во здравствените домови во Штип, Гостивар, Прилеп, Струмица и во општата болница во Кичево. Лаборанти од овие установи минатата недела беа на обука во Скопје, а во текот на неделата ќе продолжат обуките на лаборанти од други градови низ државата, со цел во најкраток можен рок, брзите тестови да бидат на располагање на матичните лекари на територија на цела држава.
Брз тест може да закаже единствено матичен лекар и тоа доколку пациентот го исполнува алгоритмот, односно има симптоми на вирусот Ковид-19, не повеќе од пет дена. Алгоритмот за брзо тестирање е од Светската здравствена организација, а матичниот лекар по земената анамнеза на пациентот одлучува дали тој ќе се тестира со ПЦР тест или со антигенски – брз тест.
Изминатата недела во ЗД Скопје, на шесте пункта во поликлиниките во Чаир, Ченто, Ѓорче Петров, Бит Пазар, Млин Балкан и Јане Сандански беа направени 1.138 тестови, од кои 398 биле ковид позитивни.