Европската недела на имунизација, што секоја година традиционално се одбележува од 24 до 30 април, 2022 година е поволен момент да размислиме за важноста на вакцинацијата, како еден од темелите на функционален јавно здравствен систем. Оваа година, Европската недела на имунизација ги истакнува историските постигнувања на вакцинацијата, вклучувајќи го и напредокот кон глобалната ерадикација на полиото и регионалната елиминација на малите сипаници и рубеолата, како и потенцијалите за уште поголеми достигнувања, како на пример ставањето под контрола на Хепатит Б и елиминацијата на ракот на грлото на матката. Спасените стотици илјади животи преку вакцинацијата против КОВИД-19 – и тоа само во европскиот регион на СЗО – се исто така причина за прослава.
-Нема сомневање дека имунизацијата придонесува за здраво население. Додека работевме на заштита на нашето население од Ковид-19, опфатот со редовните вакцини падна под оптималното ниво. Нашата тенденција е да го постигнеме препорачаниот опфат од 95 проценти, за таа цел во соработка со здравствените домови почнуваме со засилена теренска работа за повикување на пропуштените деца за вакцинација. Треба да се искористи секоја можност за вакцинирање на децата и возрасните, согласно Календарот за редовна имунизација, изјави д-р Беким Сали, министер за здравство.
Пандемијата на КОВИД-19 погоди многу земји ширум светот, а последици се почувствуваа, меѓу другото и во областа на имунизацијата. Во Северна Македонија, СЗО и УНИЦЕФ соработуваа со здравствените власти на државата и партнерите на спроведување вакцинација против КОВИД-19 во сите делови од државата и за сите групи од населението. До денес, 46,5 % од граѓаните на Северна Македонија имаат примено две дози вакцини против КОВИД-19, а само 8,4% имаат примено и трета доза.
Европската недела на имунизација е одлична можност да им се заблагодариме на сите здравствени работници кои неуморно работеа за да ги заштитат другите преку вакцинација. Овие напори нема да прекинат сè додека сите кои исполнуваат услови да бидат вакцинирани не бидат целосно заштитени, а особено сè уште невакцинираните постари лица кои, впрочем, се најранливата категорија граѓани од аспект на заболување од тешка форма на болеста.
-Вакцините се од огромна важност во нашата историја, а особено во последните години заради пандемијата. Тие нè штитат како поединци и ни помагаат да се заштитиме едни со други како припадници на глобалната заедница. Европската недела на имунизација, годинава, се одбележува под мотото „Долг живот за сите”, има за цел да истакне колку е важен правичниот и поширок пристап до вакцини, со што ќе се придонесе кон долг и здрав живот за секого, изјави д-р Ане Јохансен, специјална претставничка на СЗО и в.д. шефица на Канцеларијата на СЗО во Скопје.
Иако услугите за рутинска имунизација беа достапни за време на пандемијата КОВИД-19, имаше одредени проблеми што придонесоа за намалени стапки кај редовните вакцини за деца во текот на 2020 година. Просечните вредности на национално ниво во 2021 година покажуваат одредени подобрувања во споредба со 2020 година, но процентите од 70,4 опфат со вакцинација на национално ниво за мали сипаници, рубеола и заушки (МРП1) за децата на возраст од 12 месеци и 80,4 (МРП2) ревакцинација се сè уште далеку од посакуваната бројка од 95% која е потребна за стекнување колективен имунитет.
За заштита на децата и спречување епидемии, од суштинска важност е да му се обезбеди на секое дете, кое испуштило некоја предвидена вакцинација лесен пристап до истата за да може да ги прими потребните дози.
-Благодарение на високите стапки на вакцинација во минатото, денешните родители имаа среќа да пораснат без да видат како членови на семејството или пријатели умираат или страдаат од доживотен инвалидитет од болести како мали сипаници или детска парализа. Иронично, ова е една од причините зошто некои веруваат дека болестите што може да се спречат со вакцини повеќе не се закана. Апелираме до родителите и негувателите: Обезбедете им ја на вашите деца заштитата што ви ја обезбедиле вашите родители во минатото, изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ во Северна Македонија.
Вакцинацијата е клучен приоритет и придобивка за јавното здравје. Со континуирана промоција и едукација се опфатени здравствените работници и родителите, со цел и во иднина да расте опфатот со сите вакцини. Да не дозволиме да се наруши долгогодишната традиција на успешна вакцинација и да не ризикуваме појава на заразни болести и епидемии во државата.