Од Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) информираат дека се почнати активности за реновирање на Ургентиот хируршки центар, што ќе се реализираат во траење од еден, најдоцна до два месеца.
Во овој период на реновирање, пациентите со итна патологија ќе се примаат во просториите на амбулантниот дел на Клиника за трауматологија, што времено ќе се преадаптира во Ургентен центар.
Согласно планот, во случај на зголемен број пациенти за време на реконструктивните зафати во Ургентниот центар, предвидено е сите итни пациенти од Скопје да бидат згрижени во Градската општа болница „8 Септември“, додека пациентите од другите градови ќе ја добијат соодветната здравствена услуга – хируршки третман во Специјалната болница за хируршки болести „Свети Наум Охридски“.
Во кругот на Ургентен центар е обележана патеката на движење со јасно видливи ознаки, како и патеката на движење за возилата на ИМП до главниот влез на хируршките клиники од страна на Стоматологија. Исто така е обезбедено и посебно болничко транспортно возило, кое ќе биде достапно за пациентите на хируршките клиники, по потреба за транспорт до останатите клиники, најчесто до Институт за радиологија (лоцирано на влезот од страна на Стоматологија).