Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити, на денешниот брифинг за новинарите одговараше на најактуелните прашања во јавното здравство.
Во своето излагање, тој потенцираше дека за 11 месеци покажале како треба да работи еден министер за тоа во што верува и сака да го спроведе во интерес на граѓаните и пациентите. Во изминатиот период се направени значајни подобрувања во здравството.
-Направивме реформа во примарната здравствена заштита. Со оваа новина, се овозможи пациентите да не се изложуваат на дополнителни трошоци, а својата терапија и здравствена услуга да ја добиваат од своите матични лекари во местото кадешто живеат. Согласно реформите во примарна здравствена заштита, матичните лекари може да препишуваат терапија за најчестите хронични заболувања и состојби – хипертензија, дијабетес, хронична опструктивна белодробна болест, астма и хипотироидизам. Преку реформата, го намаливме и притисокот на терциерното здравство. По 13 години ја ревидираме позитивната листа на лекови. За многу скоро повеќе од 10 лека ќе се најдат на оваа листа со што пациентите ќе заштедат пари. Листата е разгледана од комисијата, бодирањето е завршено и сега се оди кон финално рангирање, по што ќе биде испратено до Фондот за здравствено осигурување. И ова е едно од прашањата кои сакам да ги прашувате но на вистинска адреса, зошто Фондот сѐ уште не ја завршува постапката, посочи Меџити.
Исто така, првпат е набавен лекот Трикафта што претставува една од најпозитивните приказни во историјата на нашето здравство. Воведовме шест нови лека за пациентите со ретки болести и зголемен е буџетот за оваа намена на 878 милиони денари или околу 15 милиони евра. Сега, обезбедуваме лекови за тие кои немаа во текот на изминатите години. Обезбедивме 650 сензори за безболно мерење шеќер во крвта. Воедно, минатата година се направи двојно зголемување на буџетот за набавка на опрема од 2,6 на 5 милиони евра и набавена е медицинска опрема во повеќе од 15 здравствени установи.
-Ги подобривме условите во 13 јавно-здравствени установи. Преку темелно реновирање на клиниките и болниците низ целата држава, обезбедивме подобри услови за пациентите и здравствените работници. Потпишавме договор со Комерцијална банка и Алкалоид за формирање нов ургентен интернистички центар на Клиниката за токсикологија. Го враќаме во функција КАТО системот за дозирање и контрола на терапијата кај онколошките пациенти. Никој повеќе нема да може да ги злоупотребува лековите за онколошките пациентите. Ја зачувавме довербата во системот и тоа е многу важно, потенцираше Меџити.
Се вложува и во медицински кадар, со тоа што двапати се покачени платите на здравствените работници.