МИНИСТЕРОТ ТАРАВАРИ ВО ПОСЕТА НА ХИРУШКИ КЛИНИКИ-РАЗРЕШЕНИ ДЕЛ ОД ЕКОНОМСКИТЕ ДИРЕКТОРИ, ДО ПЕТОК ИЗВЕШТАЈ ЗА КОМПРЕСОРИТЕ

Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари денеска по извршеното примопредавање на функцијата веднаш излезе на терен и ги посети хируршките клиники во клиничкиот комплекс, по повод утврдување на состојбата со компресорите во хируршките сали. По посетата, тој изјави дека деновиве ќе добие извештај од направените испитувања и до петок ќе донесе дефинитивна одлука како ќе се реши проблемот – дали ќе може да се поправи постојниот или ќе се инсталира нов систем.

– Денеска разговарав со директорите на хирургија и тие посочуваат дека во некои операциони сали воопшто нема никаков мирис. Во одредени сали, посебно на абдоменална хирургија постои одреден мирис и затоа анестезиолозите не дозволуваат да функционира со централниот компресивен систем. Очекувам деновиве, утре или задутре, да добијам извештај од испитувањата што се направени и да видиме како побргу да го решиме проблемот. Ми требаат неколку дена за да донесам дефинитивна одлука – дали ќе одиме на брзо решавање на проблемот со отворање на нова набавка и веднаш инсталирање комплетно нов систем или ќе може ова да се поправи, рече Таравари.

Во однос на функционирањето на оперативниот програм, тој потенцираше дека не треба да се избрзува со изнаоѓање решение и дека треба внимателно да се работи, бидејќи станува збор за човечки животи.

– Дефинитивно е редуциран бројот на операции, помал за разлика од тогаш кога работел централниот компресивен систем, меѓутоа се функционира. Затоа велам, се уште немаме долгорочно и сигурно решение. Затоа, не треба да се брза, се работи за човечки животи. Подобро да бидеме внимателни и да најдеме што побргу долгорочно решение, бидејќи сепак огромен број пациенти со сериозни болести се лекуваат тука, рече Таравари, додавајќи дека следните денови приоритет ќе му биде решавањето на овој проблем.

Сподели на:

Related Posts