Министерот за здравство д-р Арбен Таравари ја посети Општа болница во Куманово каде со поддршка од Амбасадата на Република Чешка е доопремено родилиштето со нова опрема во вредност над милион денари.
Станува збор за најнов инкубатор од четврта генерација, наменет за интензивна и полуинтензивна нега на новороденчиња. Инкубаторот е со ниско ниво на бука и со него доаѓа и интегриран систем за мониторирање на виталните функции.
Степенот на дневна искористеност на инкубатори во ова родилиште на годишно ниво е 30%, а од почетокот на годинава досега се родени над 600 новороденчиња во кумановската болница, така што ова е навистина значајно унапредување на условите за третман на најмладите пациенти.
Кај дел од новороденчињата е потребен престој во инкубатор поради мала родилна тежина за возраста, поради рана неонатална инфекција или други симптоми кои се манифестираат веднаш по раѓањето и затоа се потребни соодветни услови за успешен третман и побрзо опоравување. Исто така, во изминатите месеци, во болницата е реновиран делот за посебна нега на новороденчиња и се обезбедени нови грејни тела, како и нови креветчиња и обезбедена е нова сонда за гинеколошки прегледи.
– Од раководството на болницата сум информиран дека од минатата недела е во тек и комплетна реконструкција на детскиот оддел, во соработка со УСАИД, со што тука имаме веќе значајни промени во насока на унапредување на здравствената заштита на мајките и децата. Во оваа прилика сакам да изразам искрена благодарност до Амбасадата на Република Чешка и амбасадорот Јарослав Лудва, за досегашната одлична соработка и за континуираната поддршка на нашиот здравствен систем, истакна при посетата министерот Таравари.