ОДОБРЕНИ СЕ 498 СПЕЦИЈАЛИЗАЦИИ И 87 СУПСПЕЦИЈАЛИЗАЦИИ

Младите лекари да не стравуваат, затоа што имплементирањето на политиките коишто се однесуваат на нивниот стручен напредок ги правиме заедно со нив. Ова утрово го потенцираше министерот за здравство д-р Венко Филипче, кој истакна дека Програмата за специјалистички и супспецијалистички кадри пред две недели беше усвоена на седницата на Владата на Република Северна Македонија.

Вкупно 498 специјализации и 87 супспецијализации се одобрени и ќе бидат распишани наскоро, согласно барањата на јавноздравствените установи. Станува збор за студенти од Медицинскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, но и од Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип.

-Минатата година само, немаше рапишано конкурс за специјализации, поради ситуацијата со Ковид-19, сите одделенија беа ковид одделенија, менторите беа зафатени со третман на ковид пациенти. Младите лекари, што е нешто што треба да се потенцира, беа вклучени во третманот на овие пациенти. Програмата за специјализации веќе помина на седница на Владата, таа е усвоена. Таа е согласно барањата на јавноздравствените установи, колку млади лекари има за да се пратат на специјализација. Вклучени се како Медицинскиот Факултет во Скопје со најголема бројка, така и факултетот во Штип – 498 специјализации и 87 супспецијализации после ова поминување на програмата на Владата, што значи административната постапка е завршена, веќе ќе бидат распишани, посочи министерот Филипче.

Министерството за здравство е постојано отворено за слушање и решавање на проблемите на младите лекари и дека сите процеси и политики се работат заедно со нив со тоа што на неделно ниво се сослушуваат и лекарите се присутни постојано во министерството. Тој го најави и форумот на студенти, кој ќе биде одличен за споделување на знаењето и перспективите. Целосно се работи на тоа младите лекари да останат во нашата земја и да сфатат дека грижата за нив е на прво место, истакна Филипче. Со последните измени во здравствените политики, специјализантите добија парични средства за дежурства и здравствено осигурување, што е инвестиција плус за младите лекари и мотив да бидат сигурни дека секоја категорија од нив е опфатена со грижа, напредок и инвестиција.

Сподели на:

Related Posts