ИНФОРМАЦИЈА ОД МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО

По вчерашната прес-конференција на министерот за здравство, на кој беа презентирани предлог мерките за намалување на растечкиот тренд на новороденечка и мајчина смртност, Министерството за здравство и министерот, д-р Венко Филипче во ниту еден момент не ја префрлија одговорноста за ниското ниво на функционалност на здравствениот систем кон идните мајки. Беше потенцирано дека Министерството за здравство интензивно ќе работи на подигнување на јавната свест, преку кампањи, промотивни материјали и предавања, со цел идните мајки ги препознаат ризиците и да побараат здравствена помош во текот на бременоста. Свеста кај жените мора да се подигне на повисоко ниво, посебно кај оние каде одењето на гинеколог, на редовни прегледи е табу тема. Решавање на недоволната информираност и несоодветната грижа на мајката за своето здравје, додека е бремена, како и недостапноста на родилиштата ќе биде наша задача во следниот период.

Подигнувањето на свеста на идните мајки е обврска на државата и на здравствените институции. Според Светската здравствена организација смртноста на родилките се должи на задоцнување на добивањето на здравствените услуги, а тоа се:

1) задоцнување во барање ургентна акушерска грижа од страна на трудниците (ниската здравствена едукација на бремените жени),
2) задоцнување во пристигнувањето до здравствената установа, која пружа акушерска грижа (достапност, пристапност и прифатливост на услугите) и
3) задоцнување во добивањето стручна грижа во самата здравствена установа (воспоставување стандарден квалитет на услуга).

Мерките кои Министерството за здравство ќе ги преземе се фокусираат на искоренување на овие задоцнувања.

Само со координирано и  посветено работење на подобрување на  здравствената заштита на мајките и децата, поставување и имплементирање нови стандарди и нивна акредитација во сите нивоа на здравствениот систем – во примарна, секундарна  и терциерна гинеколошко-акушерска и неонатална заштита, како и неопходното подигнување на јавната свест (свеста кај жените), може да се постигне сеопфатно подобрување на здравствената заштита на  мајките и децата и намалување на стапките на заболување и смртност.
Целосно сме на располагање на сите граѓански организации и други чинители во општеството кои имаат потреба од повеќе информации.

Сподели на:

Related Posts