Министерот за здравство, д-р Венко Филипче заедно со амбасадорката на Босна и Херцеговина во земјава, Лепа Бабиќ, денеска ја посетија Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, каде ја презентираа донацијата на компанијата „Виолета“. Преку проектот „Да создаваме заедно“ компанијата донираше средства за набавка на нова постелнина за болничките кревети, бојадисани се сите 24 соби на одделението каде се наоѓаат родилките и бебињата, ноќници за родилките, облека и 16 нови креветчиња за бебиња.
Mинистерот Филипче истакна дека континуираните промени и подобрувања на условите на ГАК допринеле и за видливо намалување на смртноста кај новороденчињата на интензивна нега и со унапредувањето на условите за престој и лекување на новороденчињата и мајките постигнати се европските стандарди.
„Во изминатиот период, Владата вложи сериозна сума на пари за набавка на нови инкубатори, а паралелно е почнат и процес за едукација и тренинг на кадарот со посебен фокус на одделот за неонатологија. Видливи се резултатите од овие вложувања, со тоа што смртноста на одделот за интензивна нега е значително намалена од 24% на околу 15% за само една година“, посочи министерот Филипче.
Д-р Елизабета Петковска, шеф на одделeнието за интензивна нега, го потврди значителното намалување на стапката на неонатална смртност, посебно имајќи предвид дека на клиниката се згрижуваат сите високоризични состојби на новороденчиња.
Директорката на клиниката, д-р Викторија Јовановска упати благодарност до компанијата „Виолета“ и амбасадата на БиХ, кои во рамки на проектот „Да создаваме заедно“ донираа средства за оваа Клиника.