КЛИНИКАТА ЗА КАРДИОЛОГИЈА, СПОРЕД БРОЈ НА СРЦЕВИ ИНТЕРВЕНЦИИ И ИНТЕРВЕНЦИИ КАЈ АКУТEН СРЦЕВ УДАР Е ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ЦЕНТРИ НА БАЛКАНОТ

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче и директорот на Универзитетската клиника за кардиологија, д-р Жан Зимбаков, го отворија Skopje Interventional Meeting, настан кој е од круцијално значење за размена на знаења и искуства кај медицинскиот персонал, како и унапредување на медицинската експертиза. 

Во своето обраќање, министерот Филипче информираше дека Клиниката за кардиологија, според број на срцеви интервенции и особено бројот на интервенции кај акутниот срцев удар, е еден од најголемите центри на Балканот.

Дневно се изведуваат срцеви интервенции кај 30 пациенти, и 5-10 акутни срцеви удари. Истовремено клиниката има голем број периферни интервенции, пред се каротидното стентирање и интервенциите на артериите на нозете.

– Ова е резултат на работа на цел тим, не само од интервентни кардиолози, туку и ехокардиографисти, интензивисти, и голем средномедицински тим, потенцираше министерот Филипче.

Постојаниот развој на медицината бара следење на сите современи текови и затоа се организираат вакви собири, со присуство на врвни експерти. Овој симпозиум има за цел да се прикажат најновите препораки и достигнувања во периферните интервенции.

Министерството за здравство ги следи барањата на Клиниката за кардиологија и ги поддржува во нивниот развој. Во следниот период ќе се вложува во подобрување на капацитетите, зајакнување со нов кадар и опрема, како и воведување нови и современи кардиолошки интервенции во секојдневната работа. 

Сподели на:

Related Posts