Општата болница Куманово е исклучително позитивен пример на јавна здравствена установа која во соработка со Министерството за здравство и Владата на РМ во континуитет вложува во унапредување на квалитетот на јавното здравство.
Комплетно нов објект на хируршкиот Ургентен центар во Куманово, наскоро ќе биде пуштен во употреба. Деновиве се привршуваат градежните зафати, а во Општа болница Куманово ќе бидат сместени итната хируршка амбуланта, ортопедска, анестезиолошка амбуланта, компјутерска томографија и ЕХО дијагностика.
Објектот е изграден од темел, со поддршка од Министерството за здравство и Проектната единица за обнова и реконструкција.
Од оваа инвестиција придобивка ќе имаат над 30.000 пациенти кои на годишно ниво гравитираат во Ургентниот центар, со посебен акцент на хирургија, урологија и ортопедија.
– Претходно бевме сместени во подрумски простории, често поплавувани, без природно светло, додека со новиот простор се добива повеќе од 90 отсто поголем простор со новиот хируршки ургентен центар. Хируршкото одделение е секогаш најударно, и едно од најактивните одделенија каде најчесто доаѓаат итни случаи, потенцира д-р Методија Димковски, началник на одделот за хирургија во кумановската болница, кој во оваа болница има 39-годишно работно искуство.
Д-р Димковски посочува дека со новиот простор ќе се обезбеди подобар пристап за пациентите, услугата ќе биде на едно место, и нема да се препраќаат пациентите до рентген дијагностика, а од посебна корист е тоа што пациентите подобро ќе се опсервираат односно ќе им се врши динамична опсервација, нешто што досега го немало.
– За првпат се отвораат и во исто време активно ќе работат 5 хируршки сали. Паралелно на условите за третман на пациенти, се унапредуваат и вештините на докторите односно наши колеги од клиниките од разни специјалности континуирано доаѓаат во нашата болница и на тој начин се реализира континуирана едукација. Општата болница Куманово покрива околу 200.000 жители од овој град и околината, истакна д-р Димковски.
Главната сестра на одделот за хирургија, Анита Ѓорѓевска вели дека сите овие активности имаат особено значење и за медицинските сестри како дел од персоналот.
– Со ова добиваме посовремена дневна болница за опсервација, хируршкиот оддел се ослободува од движење на посетителите, а клучно за пациентите е тоа што ќе се дава подобра услуга за хоспитализираните пациенти, истакна Ѓорѓевска.
Главната сестра на ОБ Куманово, Валентина Стојимировиќ посочи дека со новиот објект ќе се добие и подобар пристап до здравствена услуга.
– По 32-годишно работно искуство во оваа болница, можам да констатирам дека сега значително се подобрени условите во однос на престојот, хигиената, како и храната на болните. Заеднички и посветено со целиот кадар секојдневно се обидуваме да придонесеме за што подобри услови за пациентите. Секако новиот објект придонесува за поквалитетна нега на пациентите од нашиот град, вели Стојимировиќ.
Паралелно со оваа крупна инвестиција, со сопствени средства на болницата во тек се активности за унапредување на квалитетот на здравствените услуги во повеќе оддели, меѓу кои: реновиран простор во клиничка и биохемиска лабораторија, отворен е нов шалтер, на инфективниот оддел во тек е поставување изолација и варосување на собите и болничките ходници, комплетно е обновена салата за состаноци и архивата, реновирани се дел од собите на акушерското одделение, како и просториите за службата за обезбедување, а обновени се и камерите за видео-надзор во болницата.
Во претстојниот период, предвидени се и нови инвестиции во соработка со Проект ХОУП за унапредување на условите на гинеколошкото одделение, со обезбедување нова опрема (CTG апарати, колпоскоп, гинеколошки стол, итн.), а во соработка со Австрија планирана е донација на кревети за педијатрискиот оддел.
Во Општата болница Куманово е отворен и функционира нов центар за згрижување на жртви од сексуално насилство.
Општата болница Куманово е исклучително позитивен пример на јавна здравствена установа која во соработка со Министерството за здравство и Владата на РМ во континуитет вложува во унапредување на квалитетот на јавното здравство.