Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче и градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиески, денеска ја посетија Општата болница во Охрид, каде што кон крајот на 2019 година во оваа јавно-здравствена установа се отвори нов Центар за рани интервенции и третман кај деца со нарушувања од аутистичниот спектар, со поддршка од бугарската амбасада и Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет“.
– Во новиот Центар за рани интервенции и третман кај деца со нарушувања од аутистичниот спектар работат експерти од оваа област, дефектолози, психолози и невропсихијатри и веќе се третираат 40 деца од целиот регион на Охрид, Струга, Кичево и Ресен. Станува збор за единствен Центар во овој регион, којшто беше навистина потребен, бидејќи досега ваква експертиза на едно место, во вакви услови со специјална сензорна соба, немаше во овој дел од нашата држава.
Исто така, во рамки на посетата, со директорката разговаравме за натамошно зајакнување на капацитетите на Општата болница во Охрид, по огромниот број приеми и дадени специјализации, продолжуваме со инфраструктурно зајакнување. Во периодот што следи ќе ја почнеме постапката за набавка на апарат за магнетна резонанца, што ќе биде прв апарат за МР во Охрид и е исклучително важен за жителите на овој град, како и за целиот регион, имајќи во предвид дека огромен број интервенции коишто бараат вакво снимање се спроведуваат во оваа болница и во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид, во која се вршат многу комплексни ортопедски интервенции, изјави при денешната посета министерот Филипче.