МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ: ОПШТАТА БОЛНИЦА ВЕЛЕС Е ПРВАТА ОПШТА БОЛНИЦА ШТО ДОБИВА АКРЕДИТАЦИЈА НА 3 ГОДИНИ ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА КВАЛИТЕТ И АКРЕДИТАЦИЈА НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ УСТАНОВИ

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска ја посети Општата болница Велес, каде оствари работна средба со раководството и персоналот на оваа јавна здравствена установа. На средбата, министерот Филипче во пресрет на 7 април – Светскиот ден на здравјето им честиташе на успехот и заложбите да бидат првата општа болница што доби акредитација на три години од Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи.

„Оваа акредитација значи квалитет и безбедност во здравствената заштита, која ги развива, ревидира и унапредува стандардите на здравствена заштита во здравствените установи, прави проверка на имплементацијата на стандардите и дава стручна помош на здравствените установи за успешна подготовка до постапката на надворешно оценување и следење на одржувањето и унапредувањето на здравствената заштита после акредитацијата. Исто така, во следниот период ќе почне постапката за проектирање и реконструкција на инфективното одделение во оваа болница“, истакна министерот Филипче. 

Во изминатиот период, Министерството за здравство реализираше повеќе мерки за унапредување на здравствената заштита за сите граѓани во државата, како и за унапредување на статусот на здравствените работници и дополнителна стимулација и вреднување на трудот на кадарот во јавните здравствени установи.

„Нашите цели се јасни: достапна здравствена заштита за сите граѓани, подигнување на квалитетот на здравствена заштита и условите за работа на лекарите и останатиот медицински персонал со подобрување на условите и квалитетот на услугата. Верувам наша заедничка цел е достигнување на стандардите на современ европски здравствен систем“, потенцираше министерот Филипче.

За потсетување, во септември минатата година, на 19.123 вработени во јавните здравствени установи им се зголеми основицата за плата за 5%. Во јануари 2019 година, реализирано е дополнително зголемување на платите – 5% за медицинските сестри и 10% за докторите специјалисти, а во септември годинава следи зголемување од 5% и за останатите здравствени работници. Исто така, реализирани се голем број вработувања во јавните здравствени установи, и овој процес ќе продолжи и по завршување на изборниот циклус. Зголемени се коефициентите за исплата на дежурства, ноќен труд и дополнителна работа на здравствените работници. Првпат, специјализантите земаат плата за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар.

„Со измената на Законот за здравствена заштита, од оваа година, првпат во нашата земја, секој млад лекар добива шанса да се ангажира во системот на јавно здравство. Тоа значи дека секој лекар, кој ќе го заврши лекарскиот стаж и ќе добие лиценца за работа, ќе се вклучи во системот на здравствените домови, ќе биде платен за својот труд и ќе почне да стекнува искуство во брзата помош, вакциналните пунктови и во системот на патронажна нега“, рече министерот Филипче. 

Министерот Филипче потенцираше дека целта е со овие мерки да ги задржиме младите лекари и медицински сестри да работат во јавното здравство, а не да заминуваат надвор од земјата. Вработуваме, ги покачуваме платите, го едуцираме медицинскиот кадар, но најважно од сѐ, го враќаме достоинството на здравствените работници.

„Дозволете во оваа прилика да го најавам и проектот со кој планираме проширување на ингеренциите на лекарите од болничкиот сектор посебно за регионите кои се соочуваат со недостиг на лекари во примарно ниво. Истовремено, работиме на проширување на дејностите на одредени здравствени домови, а во насока на враќање на гинеколошките диспанзери“, изјави министерот Филипче.

Во делот на унапредување на здравствената заштита, минатата година е воспоставен електронски регистар за ретките болести, по препорака на извештајот на ЕУ, воведени се и три нови лека за ретки болести, од кои еден за болеста фамилијарна амилоидна полиневропатија, апластична анемија и нов лек за болеста Гоше. Со заложба на Владата, буџетот за набавка на лекови за ретки болести, годинава, е двојно зголемен и изнесува 380 милиони денари.

„Меѓу значајните мерки на Министерството за здравство е и укинувањето на паралелниот увоз на лекови, обезбедувањето лекови со сертификат за квалитет, воведувањето три нови молекули на инсулини и набавени дополнителни 10 инсулински пумпи. Првпат се обезбедени бесплатни ортопедски градници за жените што се оперирани од рак на дојка и имаат потреба од градник, во соработка со ФЗОМ“, истакна министерот Филипче.

Во областа на трансплантација, првпат е успешно извршена и  трансплантација на матични клетки од несроден донор кај пациент кој боледувал од акутна миелобластна леукемија, а по пауза од три години, од месец ноември 2018 година успешно беа изведени три трансплантации на бубрези на пациенти од починат донор.

„Во декември, минатата година, првпат во државата, имплантиравме механичко срце кај пациент на возраст од 54 години со терминална срцева слабост  на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија. Оваа операција претставува врвот на адултната кардиохирургија“, потенцираше министерот Филипче.

Општата болница во Велес по пуштањето на Ургентниот центар ќе стане Регионален ургентен центар со целосна дијагностика со што ќе се покријат сите потреби на пациентите од Велес, од околината и поширокиот регион на Повардарието. Кон средината на минатата година ставен е во функција апаратот за компјутерска томографија, а во следниот период ќе се набави и дополнителна опрема, се со цел да им се олесни пристапот до здравствени услуги на пациентите од овој регион.

Ова се само дел од новините и проектите што ги спроведуваме во сите сегменти во здравството. Нашите активности продолжуваат понатаму, со уште поинтензивно темпо.

„Дозволете во оваа прилика да го објаснам и моделот на јавно приватно партнерство кое планираме по широка јавна дебата да го имплементираме онаму каде што ќе покажат студиите дека е потребно и можно во здравствениот сектор. По изборниот процес ќе следат повеќе физибилити студии кои ќе ни го покажат патот во кои дејности е можен ваков модел, каде можеме да ги подобриме здравствените услуги и услови, како и да креираме заштеди. Целта е приватниот партнер да влезе како инвеститор во нашиот здравствен систем, со цел да нема непотребни трошоци и долгови и да се фокусираме кон здравствен систем што купува услуги таму каде што е најевтино и најквалитетно за пациентите. Уверен сум дека заеднички, традиционално и во иднина ќе го одбележуваме Светскиот ден на здрајвето со уште поголеми успеси на кои ќе се гордееме. Само со заеднички заложби на сите чинители може да го унапредиме здравствениот систем во нашата држава“, потенцираше министерот Филипче.

Сподели на:

Related Posts