Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, утрово во својот кабинет, се сретна со Зорица Љубичиќ Митиќ, Силвана Рогиќ и Дивна Бојческа трите медицински сестри од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, кои во текот на вчерашниот ден поднесоа откази до управата на Клиниката.
-Тие изминативе седум месеци се на првата линија во борбата со пандемијата. За нивната посветеност и неуморна работа им изразив огромна благодарност. Кога се работи во вака тешки услови, со многу стрес и замор разбирливо е да дојде до потреба за промена, за што целосно ги разбирам. Сепак, утрово ги поканив на разговор и разговаравме да останат на Клиниката каде нивната работа неизмерно се вреднува. Се договоривме после заслужениот одмор кој го земаа, повторно да разговараме и да најдеме начин да продолжиме заедно во битката со Ковид на Инфективната Клиника. Секој човек во здравството е важен и ќе направам се да ги мотивирам здравствените работници, истакнува Филипче.