МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ: ЗА ДИСПЕРЗИЈАТА НА ЦЕНТАРОТ ЗА ЗАВИСНИЦИ ВО КИСЕЛА ВОДА Е ПОСТИГНАТ КОНСЕНЗУС СО ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ И ЗДРУЖЕНИЈАТА ОД ОВАА ОБЛАСТ

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче денеска одржа тематски брифинг за медиумите, во врска со дисперзијата на Центарот за зависници во Кисела Вода.

Министерот Филипче информираше за сите чекори во спроведувањето на дисперзијата, како и за конкретните чекори кои се преземаат за подготовка за оваа постапка.

-Целта на дисперзијата е да покажеме дека секој има право на пристап до здравствена заштита и има право на добивање квалитетна здравствена заштита. Пациентите ќе ја примаат потребната терапија во центрите, пред медицинскиот персонал, така што на овој начин се елиминира можноста за евентуално препродавање на терапијата, посочи министерот, потенцирајќи дека за дисперзијата е постигнат консензус со здруженијата од оваа област.

Воедно, оваа мерка се спроведува како заеднички пристап со Здравствен дом Скопје, имајќи предвид дека вакви центри, покрај Кисела Вода и ГОБ „8 Септември“ ќе функционираат во рамки на поликлиниките во Аеродром, Ченто, како и Психијатриската болница Скопје, со тенденција дисперзијата да продолжи и во поликлиниките во Ѓорче Петров, Чаир и Шуто Оризари.

За успешноста на процесот на дисперзија, зборува и примерот со ГОБ „8 Септември“ во Скопје, каде веќе неколку години беспрекорно функционира пункт каде овие пациентите примаат терапија.  Успешност на дисперзијата гарантираат помалиот број на пациенти, поголем број здравствени работници вклучени во овој процес, а со тоа е зголемена и контролата на начинот на делење терапија.

Министерот нагласи дека овие пациенти  не треба да се гетоизираат и стигматизираат.
-Тие се наши соседи, пријатели, сограѓани, на кои треба да им овозможиме пристап до потребната терапија, нагласи министерот Филипче и додаде дека следи подготвителен процес за обезбедување нови кадровски решенија –  планирано е вработување на дополнителни 20 психијатри кои ќе бидат вклучени во овие пунктови.

Посебен фокус е ставен на условите каде ќе ја примаат терапијата овие пациенти, следи набавка на сефови за чување на терапијата, а паралелно ќе се работи со населението во насока на разбивање на стигмата кон овие пациенти и начинот на кој се лекуваат.

-Решаваме проблем кој постои повеќе од 20 години, истакна министерот, уште еднаш потенцирајќи дека нема потреба од загриженост на граѓаните кои живеат во овие реони, бидејќи давањето терапија на овие лица ќе се одвива во строго контролирани услови, во присуство на медицинскиот персонал, а воедно значително ќе се намали и бројот на корисници на терапија кои гравитираат кон еден центар.

Во развивање на овој модел, кој подразбира дисперзија на капацитетите од Кисела Вода на други 4 локации, ќе бидат вклучени здруженијата од оваа област, пациентите, нивните семејства, Министерството за внатрешни работи, здравствените работници, општините и други чинители.

Станува збор за дисперзија на околу 520 пациенти кои се дел од програмата за лекување, во вкупно 5 центри низ градот Скопје.

Сподели на:

Related Posts