МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ЦЕЛОСНО ПОСВЕТЕНО НА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НАЈКВАЛИТЕТЕН ТРЕТМАН ЗА ПАЦИЕНТИТЕ СО ДИЈАБЕТЕС

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, денеска присуствуваше на централниот настан за одбележување Светски ден против дијабетесот, во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари, со поддршка од Министерство за здравство, здруженија, институции и компании. 

Во своето обраќање тој нагласи дека Министерството за здравство е целосно посветено на обезбедување најквалитетен третман за сите пациенти со дијабетес мелитус и сите лица на инсулинска терапија се соодветно снабдени со инсулин, потенцирајќи дека грижата за лицата со дијабет и обезбедувањето соодветна инсулинска терапија е врвен приоритет на Министерството за здравство.

– Се чекаат новите буџети, па ќе се настојува да се одговори на ова барање за набавка на сензори, дел по дел. Во изминатиот период е направена многу значајна измена на Законот за паралелен увоз на лекови, со што во земјава се донесени оргинални инсулини со сертификат какви што се носат во сите развиени европски земји. Воведени се и три нови инсулини и два инсулински аналози, инјектибилни и таблетарни. Со тоа значајно се подобрува квалитетот на третманот на дијабетесот. Активно работевме со сите чинители кои имаат улога во овој процес во изготвување на новата 10-годишна стратегија за третман на дијабетес, која во себе содржи елементи кои ја подобруваат превенцијата, раното откривање на дијабетесот, соодветниот третман на ниво на секундарна и терциерна здравствена заштита. По носењето на  стратегијата, ќе почне ревитализација на сите центри за дијабетес ширум државата, додаде Филипче.

Во рамки на Националниот електронски систем МојТермин функционира посебен софтвер и во реално време се следи потрошувачката и снабдувањето со инсулин и ленти за мерење шеќер во сите установи и нашата држава е пример за таков тип софтвер, единствен во регионот.

Во иднина продолжуваме со активностите за подигнување на јавната свест преку едукација, трибини и обезбедување најсовремена терапија за пациентите со дијабетес, што го реализираме во соработка со Клиниката за ендокринологија, каде значително се унапредени условите за третман на пациентите и изминатиот период е извршено реновирање на одделението за интензивна нега, собата за изолација, а исто така е набавена и медицинска опрема, како што се микроскопи, пациент-монитори, систем за мониторирање гликемија, ЕКГ и друга медицинска опрема.

Сподели на:

Related Posts