Во врска со објавата на Телевизија 24 – „Дијабетичарите во Охрид оставени на милост и немилост“, Министерството за здравство ги демантира инсинуациите и шпекулациите изнесени во текстот, дека за дијабетичарите од Охрид има недостиг на инсулин и дека е со различен квалитет.
Потенцираме дека сите видови инсулин, кои влегуваат во Република Македонија се контролираат во лаборатории и секој инсулин има соодветен лот и сериски број и во случај на сомнеж за неговиот квалитет се прави супер анализа во странска лабораторија.
Имено, во тек е нова јавна набавка, при што е планирана набавка на нови типови инсулини од понова генерација, кои се современа терапија за лекување на пациентите со дијабетес.
На 15.08.2018 година, Министерството за здравство ја почна постапката за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал, за периодот септември 2018 – септември 2020 година.
Напоменуваме дека Министерството за здравство се грижи пациентите во континуитет да се снабдуваат со инсулин во соодветни рокови, кои се дистрибуираат врз основа на потребите на населението.
Со овој текст, прекршени се основните новинарски стандарди, бидејќи не е побарана соодветна информација за ова од втора страна, односно од Министерството за здравство. Неточни се тврдењата за неквалитетен инсулин или негов недостиг. Поради тоа, бараме во врска со овој текст да биде објавен нашиот демант, како и да биде објавено извинување и целосно повлекување на споменатиот текст.
Министерството за здравство, ви стои на располагање и отворено е за какво било појаснување или одговор во секое време, пред да се пласираат неточни информации во јавноста, кои внесуваат забуна и се на штета на пациентите.