Универзитетската клиника за дерматологија набави нова медицинска опрема во вкупна вредност од речиси половина милион денари, која ќе обезбеди највисок стандард на дијагностика за пациентите кои се лекуваат на оваа клиника.
Од денеска, на клиниката во функција се: нов апарат за пресотерапија и лимфна дренажа за лекување хронична венска инсуфициенција, примарни и секундарни лимфедеми на горни и долни екстремитети; дигитален ултразвучен колор доплер ехо апарат за евалуација на артериска и венска циркулација на горни и долни екстремитети, како и нов апарат за ин витро дијагностика во алергологија (алерго тестови преку крв) и алергени за истиот.
Конкретно за апаратот за ин витро дијагностика во алергологија, станува збор за високосензитивна технологија, која е последен стандард во алерголошките тестирања. Предноста на оваа метода е што може да се прават тестови и кога пациентите примаат антиалергиска терапија.
Во изминатиот период на Клиниката за дерматологија реализирани се и активности за унапредување на просторните капацитети. За првпат е отворена соба за изолација, според стандарди на ИХИ (интрахоспитални инфекции), обезбедена е нова работна соба за медицински сестри на женски и детски оддел, реновирана е библиотеката, дежурната лекарска соба и апартманот за приватни пациенти. Воедно, сите соби се климатизирани, сменет е подот во болнички и амбулантски дел, сите простории се комплетно варосани, а за сите амбуланти е набавена и нова компјутерска опрема.
Во изминатите две години, клиниката за дерматологија кадровски е зајакната со 3 лекари специјалисти дерматолози, 2 лекари на специјализација и 2 медицински сестри.