Во Деканатот на Медицински факултет во Скопје, денеска се одржа обука Акти на Лидерство, со цел освежување на знаењата на полето на лидерството и менаџментот, но и да се поттикнат позитивните промени во секојдневното водење на здравствените установи.
На оваа обука, учество земаа директорите и претставници на Универзитетските клиники во комплексот „Мајка Тереза“ – Скопје.
Преку обуката се овозможи директорите да се вклучат во процес на прочистување на нивната визија за установата со која менаџираат и нивната улога во целиот процес, почнувајќи со нивната мисија, па се до предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење. Во овој процес на взаемно учење, директорите ќе се обидат да дадат насока на нивната кариера која ќе има потполно влијание на нив лично, но и на нивното организационо и социјално поле.
Работилницата беше водена од страна на д-р. Гранит Алмог- Берекет од Универзитетот Бен Гурион во Израел, која изрази особена благодарност до сите учесници на обуката и додаде дека ќе и биде голем предизвик и задоволство да помогне и да работи со директорите на Клиниките за детски болести, неврохирургија и на Клиничка биохемија.
Работилницата беше организирана од страна на Министерството за Здравство и Фондацијата Проект ХОПЕ и е поддржана од Министерството за Надворешни Работи на Израел и Амбасадорот на Израел за Република Северна Македонија, Г-дин Дан Орјан.