По повод одбележувањето на 24 март-Светски ден за борба против туберкулозата, министерот за здравство, д-р Венко Филипче се обрати на денешниот настан, во организација на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза и националниот координативен механизам за туберкулоза, со поддршка од Министерството за здравство.
-Светскиот ден за борба против туберкулозата го одбележуваме за подигнување на свеста, можностите за превенција и контрола на болеста, која иако може да се излекува, се уште претставува епидемија од поголеми размери во поголемиот дел од светот. Во Република Северна Македонија, туберкулозата е во континуиран пад. Во 2007 година, биле регистрирани 563 заболени лица, додека пак во 2018 година бројката е двојно намалена и вкупно се регистрирани 217 лица со туберкулоза, посочи на денешната прес конференција министерот Филипче.
Министерството за здравство годинава одвои 25 милиони денари за превентивни програми за туберкулоза. Со средства од програмата, заеднички со Институтот за ТБЦ, во моментов набавуваме рендген апарат во висина од околу 4,5 милиони денари, наменет за Институтот, информираше министерот Филипче.
Тој потсети дека од минатата година државата целосно ги финансира програмите за ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија, при што се издвојува значителен износ на средства во превентивните програми за ХИВ и туберкулоза, како и финансирање на превентивните сервиси за клучни популации, спроведени од невладините организации.
За периодот 2018-2022 година прифатена е и се спроведува актуелната Стратегија за контрола на туберкулоза, која е базирана на целите за одржлив развој и глобалната стратегијата на Светската здравствена организација, насловена како „Крај на туберкулозата до 2030 година”. Како приоритетни области на Стратегијата се издвојуваат: редефинирање на мрежата на установи, кои во иднина ќе бидат вклучени во контролата на туберкулоза, едукација на лекарите за интернационалните стандарди за дијагноза, лекување и превенција на болеста, подготовка и имплементација на интернационално прифатени протоколи, примена на иновации во решавање на некои од постојните проблеми и сл, а посебно внимание е посветено на потребите на пациентот, кој е во центарот на сите активности за контрола на туберкулозата, со мерки за рана дијагноза, контролирано лекување и превенција и активности за менаџирање на латентна туберкулозна инфекција.