Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, бугарскиот министер за здравство Кирил Ананиев, амбасадорот на Република Бугарија Ангел Ангелов, сопругата на претседателот на државата Елизабета Ѓоргиевска, заменик министерот за здравство д-р Арменд Арслани, заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар, претставници од Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет“, денеска го отворија Центарот за рани интервенции и третман кај деца со нарушување од аутистичен спектар во Општата болница во Охрид.
Овој центар се отвора со поддршка од бугарската амбасада и „Во мојот свет“.
– Станува збор за Центар од регионален карактер, кој ќе опфати деца од поширокиот регион: Охрид, Кичево, Струга, Дебар и Ресен. Предвидено е да се опфатат околу 120 деца на возраст од 2 до 8 години со што значително се олеснува пристапот до овој вид услуги за овие дечиња. Во моментот се финализира постапката околу ангажирање на кадарот и веќе на почеток на јануари Центарот почнува со работа. Кадарот се состои од врвни стручни лица за третман на овие лица, како што се: детски невропсихијатар, логопеди и дефектолози, а паралелно ќе се спроведува и едукација на семејствата, со цел унапредување на сеопфатната грижа кон лицата со аутизам, изјави министерот Филипче.
Министерот изрази благодарност до амбасадата на Република Бугарија за поддршката и соработката во реализацијата на проектот, како и до Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет“, кое е посветено на унапредување на третманот на лицата со аутизам во сите сфери на општественото живеење.
– Министерството за здравство во соработка со Министерството за труд во континуитет работи на изнаоѓање решенија за одржливост на овие услуги и очекуваме дека ваквите центри ќе бидат пример и ќе отворат можности за отворање слични центри за лицата со попреченост, за полесен пристап до услугите кои им се потребни, посочи министерот Филипче.
Освен третманите на лицата со аутизам ќе се спроведува и едукација на семејствата, со цел подобра грижа кон лицата со аутизам.