ПОЧНА КАМПАЊАТА НА МЗ И УНИЦЕФ ПОД СЛОГАНОТ „ЗАШТИТЕНИ ЗАЕДНО – РЕДОВНИТЕ ВАКЦИНИ ЗА ДЕЦА ДЕЛУВААТ“

По повод националната кампања за редовна имунизација на децата што почнувa денес, во партнерство на Министерството за здравство со УНИЦЕФ, под слоганот  „Заштитени заедно – редовните вакцини за деца делуваат“, заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева го посети вакциналниот пункт во поликлиниката Букурешт. На настанот, исто така беа присутни претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани и Горан Кочински, националниот офицер за имунизација од Канцеларијата на Светската здравствена организација. Во своето обраќање, д-р. Манолева истакна дека со поддршка од СЗО, почнува иницијативата за зголемена достапноста до знаења за вакцинација на локално ниво. Со организирање на вакцинацијата на самото место „од врата до врата“ и распоредување мобилни тимови за вакцинација низ целата земја, а во исто време и делење информативни материјали за вакцинација, изработени врз основа на потврдени докази базирани од медицината, граѓаните ќе имаат можност подобро и стручно да се запознаат со важноста на редовното вакцинирање на децата. -Иако имаме подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, сакам да потенцирам дека сѐ уште не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет, утврден и со програмата за задолжителна имунизација – 95% на национално и 90% на локално ниво. Токму затоа продолжуваме интензивно да работиме на оваа тема“, истакна заменик министерката за здравство, д-р Манолева. Редовните вакцини за деца се безбедни и ефикасни. Тие се темелно тестирани и докажано спречуваат сериозни болести, спасувајќи милиони детски животи секоја година. Со редовната вакцинација децата развиваат долгорочна заштита – за да имаат здрав и квалитетен живот, без последици од детство поминато во борба против болести кои можат да се спречат.

Сподели на:

Related Posts