ПОЛИТИКИТЕ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО СЕ ВО КОРЕЛАЦИЈА СО ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА НАПРЕДОКОТ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Во извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија како позитивни се оценети чекорите на Министерството за здравство за унапредување на јавното здравје во повеќе категории.

Во поглед на зголемувањата на платите на медицинскиот персонал во јавното здравство и подобрување на политиката за задржување, дадена е позитивна оценка во извештајот.

Во месец септември 2018 година, на 19.123 вработени во јавните здравствени установи им се зголеми основицата за плата за 5%. Во јануари 2019 година, дополнително зголемување на платите. 5% за медицинските сестри, 10% за докторите специјалисти. Во септември 2019 година, 5% зголемување и за останатите здравствени работници. Исто така, зголемени се коефициенти за исплата на дежурства, ноќен труд и дополнителна работа на здравствените работници. За првпат, приватните специјализанти земаат плата за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар. Со повисоки плати и подобри услови за работа, создаваме атмосфера во која ги задржуваме нашите лекари да останат и да работат во државата.

Со проектот за вработување на млади лекари ќе се развијат кадри кои ќе останат да работат во Северна Македонија, каде со мерките што се преземаат во моментов, ќе може да ја остваруваат својата лекарска кариера во земјава.

Секој лекар којшто ќе го заврши лекарскиот стаж и ќе добие лиценца за работа, ќе се вклучи во системот на Здравствените домови, ќе биде платен за својот труд и ќе почне да стекнува искуство во брзата помош, вакциналните пунктови и во системот на патронажна нега. Со стекнување на искуство, со добивање шанса за работа ќе добијат дополнителен стимул за професионална надградба во својата кариера. Со овие мерки, веруваме дека ќе ги задржиме младите лекари и медицински сестри да работат во јавното здравство, а не да заминуваат надвор од земјата. Посветено работиме да креираме фер општество за сите млади луѓе.

За зајакнување на капацитетите на здравствените установи, во отворена и транспарентна постапка, Министерството за здравство набави 12 нови возила за Итната Медицинска помош. Половина од возилата се наменети за градот Скопје, со што за 100% е зголемен капацитетот на службата за ИМП. Останатите 6 се наменети за Здравствените Домови во Крушево, Кичево, Крива Паланка, Берово и Општата болница во Струга и Дебар. Со набавката на амбулантските возила, Министерството за здравство заштеди 12 милиони и 240 илјади денари или околу 200 илјади евра.

И покрај ограничените услови, Министерството за здравство го зајакнува здравствениот систем во нашата држава. На седница на Влада ја усвоивме информацијата за изградба на нов и модерен Клинички центар, во кој пациентите ќе имаат подобри услови и подобра и побрза квалитетна здравствена заштита. При крај е реконструкцијата на комплетно новиот објект на Ургентниот центар во Куманово и наскоро ќе биде пуштен во употреба. 80% од реконструкцијата во болницата „Св. Еразмо“ – Охрид е завршена, со што оваа болница ќе добие современ регионален центар од областа на ортопедија и трауматологија. Во моментов со успорено темпо се гради и новата Клиничка болница Штип.

Европската Комисија соопшти дека направен е напредок во преземање чекори за усогласување на законодавството поврзано со дроги со законодавството на ЕУ преку измената на Законот за контрола на дроги и психотропни супстанци.

Формирана е работна група со претставници од релевантните клиники, граѓански сектор, претставници на трансродовите лица и Министерството за здравство да изготви План за унапредување на здравјето на трансродовите лица.

Во извештајот се вели дека за првпат во нашата држава е направена трансплантација на матични клетки од несроден донор, со што испишавме историја во македонското јавно здравство. Една од најсовремените методи во светот од денеска достапна и во јавното здравство во Република Северна Македонија.

По пауза од три години, од ноември 2018 година успешно се изведени три кадаверични трансплантации на бубрези и шест лица се спасија од дијализа. Новина од оваа година е што во Програмата за трансплантација на Министерството за здравство се предвидени активности за зголемување на нивото на обученост и информираност на здравствените работници, кои се вклучени во извршување на трансплантациите и точно се прецизира паричниот надомест за тимовите за трансплантација.

Свесни сме дека има простор за подобрување на условите во здравствените институции за ментално здравје и во моментов ги подобруваме санитарните услови и ги зајакнуваме капацитетите со лекарски кадар. Приоритет на Министерството за здравство е грижата за менталното здравје. Во изминатата година, на Универзитетската Клиника за психијатрија, Психијатриската болница Скопје, Психијатриската болница Негорци и болницата Демир Хисар, реализирани се вкупно 49 вработувања. Здравствените работници кои се вработени во овие болници добија и зголемување на платите и дежурствата, со што правиме максимални напори за подобрување на човерчките ресурси. Целосно е реновирана Универзитетската Клиника за психијатрија – Скопје и воведени се нови генерации на лекови на Клиниката. Во 2018 година целосно е реновирано и едно одделение од 460м2 површина во Психијатриската болница Негорци.

Владата ја усвои Националната Стратегија и Акционен план за ментално здравје 2018/2025 година, предложена од Националната Комисија за ментално здравје, назначена од министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче. Во мај 2019 година, организирана е WPA Sponsored Thematic Congress on Dementia, кој преставува светски тематски конгрес на Светска Психијатриска Асоцијација (World Psychiatric Association). Универзитетската Клиника за психијатрија учествува во два научно истражувачки проекти во рамките на EU – програма Horizon 2020, поддржано и координирано од Министерството за здравство.

Поле каде што треба дополнителен напор е секако напорот за подобрување на исхраната и физичката активност и намалување на дебелината. Владата на Република Северна Македонија и Министерството за здравство се посветени и фокусирани на борбата со факторите на ризик за појава на незаразните болести, а доминантни меѓу нив се исхраната, физичката неактивност, пушењето и алкохолот. Како Влада, продолжуваме да ја поддржуваме Иницијативата на СЗО Европа за следење на дебелината кај децата во нашата држава преку Националната годишна програма за јавно здравје. Акцискиот план е во владина процедура и Владата ќе го донесе во најкраток можен рок. Во соработка со Министерството за труд и социјална политика пилотиравме модел на интегрирани здравствено-социјални услуги во две општини кадешто мобилни тимови работат со заедниците за идентификување на ризик факторите за незаразни болести и социјалните детерминанти на здравје и нивно адресирање.

Кога станува збор за намалување на нееднаквостите во јавното здравство, изминатиот месец, изготвивме Нацрт стратегија за унапредување на примарната здравствена заштита во Република Северна Македонија, со акционен план, кадешто една од стратешките цели на делување е намалување на нееднаквостите во здравството преку зголемување на пристапот на универзални услуги во примарната здравствена заштита во кои влегуваат и услугите за сексуално и репродуктивно здравје. Го унапредуваме здравјето на секоја жена и започнуваме од еден од клучните аспекти, а тоа е унапредување на достапноста на гинеколози во државата преку воспоставување на поголема територијална покриеност и достапност на кадарот во здравствените региони каде што гинеколошките услуги на примарно ниво не се достапни или достапноста е ограничена. Во оваа насока нашата заложба е да ги препознаеме компетенциите на матичните лекари – специјалисти по семејна медицина коишто вклучуваат и грижа за сексуалното и репродуктивното здравје како што се услуги за семејно планирање, контрацепција, сексуално преносливи инфекции итн. Понатаму, нашата визија е да во здравствените региони каде што гинеколошките услуги на примарно ниво не се достапни. Како последна алка во овој систем ќе биде обезбедување на услуги за сексуално и репродуктивно здравје во руралните средини преку активирање на мобилните гинеколошки амбуланти.

Во однод на забелешките за канцерогени заболувања, како позитивно е оценето воспоставувањето на национални и регионални регистри за рак, кадешто треба да се обезбедат квалитетни податоци за нивото на појава на рак и средствата и третманот потребен за да се обезбеди соодветен третман и превенција. Н а владина седница, усвоена е информацијата за набавка на 8 мамографи, кои ќе се дистрибуираат каде што е најпотребно. Со ова, ги доближуваме програмите за скрининг и превенција од рак на дојка до населението во поддалечните места. Ќе се намали времето на чекање за термин за снимање на мамограф.

Позитивни оценки во извештајот има и за напредокот во поглед на воспоставување за првпат на национален регистар за ретки болести. Како Министерство значително го зголемивме буџетот за достапни лекови за лицата со ретки болести. Буџетот за ретки болести во 2009 година изнесувал 27 милиони денари, а оваа 2019 година изнесува 380 милиони денари. Во 2018 година се воведоа 3 нови лека за ретки болести, од кои еден за болеста фамилијарна амилоидна полиневропатија, апластична анемија и нов лек за болеста Гоше. Годинава се воведуваат уште на два нови лека, меѓу кои и нов лек во таблетарна форма за болеста Гоше. Националниот регистар за ретки болести е електронски модул со податоци ги содржи сите основни информации за пациентите заболени од ретки болести, нивната дијагноза, потребната терапија, соодветната клиника на која се лекуваат, како и лекарот кој ги лекува. Секој лекар од јавните здравствени установи, кој лекува пациент со ретка болест има увид само за своите пациенти кои ги лекува, како и увид и целосна евиденција за пропишаната терапија. Министерство за здравство преку вклучување на граѓанските организации и сите редовни чинители и редовната комуникација со јавноста се стреми кон унапредување на транспарентното работење на институцијата.

Европската Комисија ги нотира напорите на Министерството за здравство за воспоставување на контрола врз епидемијата од морбили (мали сипаници), преку вакцинација во училиштата и детските градинки и со започнување на голема кампања за вакцинација. Нашата заложба за одржување силен колективен имунитет е јасна и недвосмислена. Родителите ги следат препораките на Министерството за здравство и ја препознаа важноста за навремено вакцинирање на децата со МРП вакцина. Од почетокот на епидемијата досега, вакцинирани се 27.248 деца на возраст до 14 години. Еден од главните приоритети за оваа година е комплетно осовременување на Календарот за имунизација, со воведување нови вакцини, кои заштитуваат од пневмокок и од рота вирус. Новиот календар е комплетно усогласен со препораките на СЗО, во областа на имунизацијата.

Во Извештајот на Европската Комисија нотирани се недостатоци во областа на јавното здравство кои се детектирани од наша страна и на кои работиме во моментов. Преземаме мерки за унапредување на состојбите. Придобивките од спроведените активности ќе имаат ефект на долг рок, во интерес на граѓанинот и лекарскиот кадар во нашата држава. Министерството за здравство во следниот период со спроведување на ефективни мерки ќе покаже дека што е нотирано ќе се подобри.

Сподели на:

Related Posts