Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, заедно со амбасадорката на Јапонија, Н.Е Кеико Ханеда, и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, денеска посетија неколку здравствени установи, каде јапонската влада даде грант за зајакнување на капацитетите со опрема и реконструирање на јавните здравствени установи.
Во рамки на посетата, министерот Филипче изрази благодарност до јапонската влада, и ја истакна важноста за вложување во здравствениот сектор. Покрај Клиниката за дигестивна хирургија, со Програмата на јапонската влада „Грант – помош за поддршка на мали проекти за човекова безбедност“ се опфатени и Клиниката за гинекологија и акушерство и Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле.
– Речиси половина милион евра беа доделени на пет здравствени установи за набавка на медицинска опрема и реновирање. Со оваа голема донација ги подобруваме условите и ги зајакнуваме капацитетите во здравствените установи, онаму каде што е потребно, посочи министерот Филипче.
Амбасадорката на Јапонија се заблагодари на министрите, директорите и медицинскиот персонал за нивната соработка за време на имплементацијата на овие проекти, која придонесува кон подобрување на здравствените услуги на македонските пациенти.
– Ми претставува особено задоволство, што денеска ја имам честа да бидам домаќин на амбасадорката на Јапонија во РМ, Н.Е. Кеико Ханеда, овде на Универзитетска клиника за дигестивна хирургија, каде сè уште активно работам. Задоволството е секако уште поголемо, ако се има предвид дека токму со несебичната помош од Владата на Јапонија, но и со несебичното залагање на амбасадорката, денес имаме значително подобрени услови за работа, а кои секако се најважни за нашите пациенти, истакна заменик претседателот на Владата, Османи, во улога на национален координатор за распределба на странска помош во РМ.
Заменик претседателот Османи посочи и дека од осамостојувањето на нашата држава, Јапонија има обезбедено голема поддршка преку официјалната развојна помош во повеќе значајни сектори, клучни за постигнување на нашите реформски процеси и стратешки цели како здравство, образование, развој на локалните заедници во износ над 420 милиони евра.