– Секој пациент кога оди на матичен лекар, тој треба да го прегледа. Ако оцени дека треба да се заврши целата процедура, може да ја утврди дијагнозата и да му препише терапија, но ако оцени дека има определени проблеми за кои треба да биде консултиран специјалист по определена област, тој во овој систем тоа го прави. Матичниот лекар во електронскиот систем на закажување му закажува термин на пациентот во точно определен датум, час кај специјалист во здравствена установа на секуднарно ниво, истакна Тодоров.
Специјалистот, посочи тој, доколку ја утврди дијагнозата и му даде терапија, тогаш се завршува процесот, а ако утврди дека треба да го препрати на некоја примарна дијагностичка процедура, како што е компјутерска томографија, магнетна резонанца, ехо итн., тоа го прави во системот на закажување.
– Може да го препрати на терцијарно ниво, а таму докторот може да ја утврди дијагнозата, да му даде терапија или може да му закаже хирушна интервенција во системот. Сите податоци остануваат трајно во системот и првпат се дава можност за многу сериозно разработување на здравствената статистика во Македонија. Овој систем mojtermin.mk почна само со електронски листи на чекање. Ова е многу покомплексен систем кој претставува интегриран здравствен информатички систем, рече Тодоров.
Појасни дека секој доктор се најавува на веб страната на mojtermin.mk.
– Докторот има своја картичка и може да се најави со неа, без да ги внесува овие податоци. Кога ќе дојде пациентот докторот го прегледува и утврдува каде треба тој да биде препратен на повисоко ниво. Тој бара термин кај доктор кај кој пациентот сака да биде препратен. Откако ќе избере термин го внесува матичниот број на пациентот ако тој нема здравствена картичка, а ако има таа само се става во читачот, потенцира Тодоров.
Според него, ова е од исклучително значење за докторите, за матичните лекари, и за специјалистите бидејќи сериозно се намалува времето кое тие треба да го поминат пред компјутер за внесување податоци за пациентот кои ги има во електронската здравствена картичка.
Матичниот лекар ја утврдува упатната дијагноза, внесува определени податоци за пациентот односно неговите симптоми. Упатот е креиран и се испраќа во повисока здравствена установа. Пациентот оди кај доктор во специјалистичко консултативна амбуланта и таму му се врши преглед. Докторот ја утврдува дијагнозата, препишува конкретна терапија и внесува податок кога пациентот повторно кај него треба да оди на контрола. Пациентот е закажан подоцна од првиот слободен термин.
Според Тодоров, тоа е направено така за да не може да се закажува во термин кој не е прв слободен, односно да не може вештачко да се креираат листи на чекање.
Ако нема подобрување кај пациентот на контролата докторот специјалист закажува компјутерска томографија во здравствена установа каде најрано има слободен термин. Се креира и нов упат, со снимките од компјутерска томографија пациентот се препраќа на терцијарно ниво на здрвствена заштита односно се испраќа на клиника. Се закажува интервенцијата со упатната дијагноза. Креиран е термин на клиника. Пациентот оди на преглед на клиника и докторот својата констатација ја внесува во извештај на специјалистот. Се добива дијагноза, специјалистот утврдува што треба да се прави и треба да ја закаже наредната интервенција. Ако се утврди дека целиот случај треба да се реши со хирушка интервенција специјалистот ја закажува.
– Сите податоци влегуваат во електронскиот медицински дневник за пациентот, кој е траен и до кој секогаш има пристап неговиот матичен лекар за да знае дали претходно имал некое заболување. При итни случаи докторите на ургентната служба можат да ги отворат сите податоци за пациентот-од што боледувал, какви лекови користел итн. Планираме да го разработуваме системот уште наредниот месец до месец и половина, да го имплементираме на пилот основа во целата држава, со цел до средината на април да бидат обучени сите лекари во државата на секундарно и на терцијарно ниво за да можат да го користат овој систем, додаде министерот Тодоров.
/**
*/