Секретаријатот на здравствената мрежа за земјите од ЈИЕ со седиште во Скопје

Скопје, 07.03.2013. Седиштето на Секретаријатот на здравствената мрежа за земјите од Југоисточна Европа е отворено денеска во Скопје. По инаугурацијата на седиштето на Секретаријатот на здравствената мрежа за земјите од ЈИЕ,  министерот за здравство Никола Тодоров истакна дека станува збор за мрежа која ќе помогне за една многу подлабока соработка меѓу 10 земји-членки на оваа мрежа, во поглед на развој на јавното здравство, на организирање или имплементација на заеднички проекти, во поглед на соработка на сите нивоа на здравството и здравствената политика.
– Моите очекувања од функционирањето на оваа мрежа се големи. Очекувам дека од здравствената мрежа на ЈИЕ бенефит ќе има и Република Македонија и сите земји -членки со што ќе придонесеме за претставување или етаблирање на еден добар и позитивен пример на соработка во областа на здравството не само во овој регион, туку и во Европа, рече министерот Тодоров.
Регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Сузана Јакаб рече дека ова е многу важен чекор за подобрување на соработката во здравствениот сектор меѓу земјите од регионот особено во секторот на јавно здравство со особен акцент на превенцијата.
– Во вакво време кога сите средства се многу важни, особено е важно да се инвестира и да се фокусираат средствата од здравството во превенцијата. Ова е само почеток на една натамошна и многу плодна соработка. СЗО во целост го поддржува овој чекор.
Горан Черкез, помошник-министер за здравство на Босна и Херцеговина, кој е претседавач со извршниот одбор на здравствената мрежа на ЈИЕ, посочи дека мрежата функционира веќе 10 години, период во кој дала многу голем придонес за обнова на довербата меѓу земјите од регионот по сите конфликти, економски кризи и се што го погоди овој дел од светот.
– Мрежата даде многу голем придонес во повторно воспоставување на тие раскинати врски и јакнење на здравствените системи во сите десет земји од ЈИЕ кои ја чинат мрежата. Она што ние го очекуваме во иднината е оваа мрежа да даде уште посилен придонес за јакнење на економијата во земјите. Сите заборавиме дека нема добра економија без здрав човек. Тоа е нешто на кое ќе се фокусираме во наредниот период.
Тој рече дека пред три години е одлучено седиште на Секретаријатот на здравствената мрежа за земјите од Југоисточна Европа да биде во Скопје. Многу сме задоволни, потенцира Черкез, и ова сега претставува срце на таа мрежа бидејќи од тука целата таа техничка и друга помош треба да оди кон мрежата.
– Што значи Скопје добива една многу важна функција во целиот систем со поддршка на Министерството за здравство кое изминатиот период беше на едно високо ниво и имавме добра соработка. Сите ние во регионот имаме слични проблеми, но имаме и работи со кои можеме да се пофалиме. Ако говориме сигурно и Македонија има низа добри работи во здравствениот систем. Одлуката за седиште на Секретаријатот е донесена врз основа на кандидатурата на Македонија и на согласноста на сите 10 земји од ЈИЕ.
Сподели на:

Related Posts