ПРВА БРИФИНГ СРЕДБА ЗА НОВИНАРИ КОИ СЛЕДАТ ЗДРАВСТВЕНИ ПОЛИТИКИ

Новинари кои следат здравствени политики, во организација на Министерство за здравство, на 21 и 22 декември, 2018 година во Струмица, беа дел од првата едукативна работилница посветена на новините во македонскиот здравствен систем.

Работилницата беше организирана со цел да се едуцираат и информираат новинарите околу новостите кои се воведуваат и применуваат во јавните здравствени установи.

Новинарите имаа работни, информативни сесии, со министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, на кои се зборуваше за сите актуелни случувања во македонскиот здравствен систем, за предизвиците, но и за измените во Законот за здравствената заштита, за трансплантацијата, за ревидирање на позитивна листа на лекови, Законот за здравствено осигурување, како и за концептот на новиот Универзитетски клинички центар.

На работилница доц. д-р Маја Мојсова Мијовска, национален координатор за трансплантација имаше презентација за поттикнување на трансплантација од кадавер или починат донор на органи.

На оваа тема се надоврза и специјалистот гинеколог, д-р Наташа Нинова, од Државната клиника по гинекологија и акушерство „Мајчин дом“ од Софија – Бугарија, која зборуваше за донирање на крвни деривати и потребата од чување на матични клетки, кои во иднина би се употребувале за трансплантација при сериозни заболувања кои може да се третираат со оваа метода. Но, и ефектите од донирањето на тие матични клетки.

На втората сесија од работилниците, проф. д-р Ана Фрицханд и доц. д-р Стојан Бајрактаров зборуваа на тема важноста на зборовите и подигнување на јавната свест за менталното здравје.

Сподели на:

Related Posts