ПРВА НАЦИОНАЛНА КОНСУЛТАЦИЈА ЗА РЕФОРМА НА БОЛНИЧКИОТ СЕКТОР

Министерството за здравство, во соработка со Светската здравствена организација одржа прва национална консултација за реформа на болничкиот сектор во државава.

-Денешниот настан е значаен чекор кон унапредување на болничкиот сектор и создавање поефикасен и поодговорен здравствен систем. Иднината на болниците ќе биде обликувана преку модернизација на инфраструктура, реформирање на финансирањето и интеграција на услугите, по примерот на европските интегрирани модели. Препознаена е потребата од промена на здравствените приоритети кон промоција на здравјето и превенирање на болестите, истакна министерот за здравство д-р Арбен Таравари во воведното обраќање.

Анализите покажуваат дека стареењето на населението и промените во животниот стил бараат оптимизација на ресурсите. Согледана е потребата болничките капацитети да се насочат кон амбулантски услуги, еднодневни и краткотрајни престои, при што се потребни инвестиции во човечки ресурси, подобрување на работните услови и континуирана едукација. Рационализацијата на леглата и интеграцијата на специјализираните болници ќе овозможи фокусирање на акутната нега.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски се осврна на потребите за зголемено финансирање и реструктуирање на болничкиот сектор. Постои консензус дека сегашната состојба е неодржлива и промените се неопходни.

Претседателката на комисијата за здравство, Рашела Мизрахи, нагласи дека веќе е постигнат внатрекомисиски консензус за заедничко дејствување кон подобро здравство за сите. Членовите на комисијата ќе се залагаат истиот начин на дејствување да се прелее и во извршната власт и пошироко, во целото општество.

Претставникот на СЗО, д-р Аким Али, заклучи: „Оваа реформа е можност Северна Македонија да го редефинира својот здравствен систем, поставувајќи го пациентот во центарот на вниманието. Подоброто искористување на ресурсите, вложувањето во здравствените работници и зајакнувањето на фокусот на превентивните услуги се клучни за иднината на здравството во земјата.“

-Оваа национална консултација за реформа на болничкиот сектор и плодната панел дискусија којашто се одвиваше меѓу присутните, се само почеток на значајна трансформација кон здравствен систем што ќе биде одржлив, модерен и достапен за сите!

Реформата ќе придонесе кон реализација на националната стратегија за здравство 2021-2030 и целите за одржлив развој на Обединетите Нации.

Сподели на:

Related Posts