Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче денеска ја посети „Родителската куќа“, наменета за родители чии деца се на подолг престој во болница, а не живеат во Скопје , каде се наоѓа единствениот центар за лекување на малигни заболувања кај деца. Изградбата на „Родителската куќа“ е заеднички проект на Министерството за здравство и Здружението на граѓани „САНО“ од Скопје, и се очекува да биде завршена многу скоро.
– Воодушевен сум од енергијата која се вложува во изградбата на Родителската куќа. Сите кои ја помагаат изградбата, се радуваат дека преку овој проект им помагаат на децата во болница. За Министерството, и за мене како министер, па и татко, најголем приоритет се децата и нивното здравје. Убеден сум дека со изградбата на куќата ќе им помогнеме на родителите, а со тоа и на децата кои се борат со канцер на хемато-онколошкото одделение. Се надевам дека оваа успешна соработка на Министерството со невладината организација ќе биде инспирација и за други успешни проекти со други невладини организации или фондации, без разлика дали се од Македонија или од странство. Со нетрпение го исчекуваме отворањето на куќата, изјави министерот Филипче.
Во родителската куќа изградени се четири апартмани во кои ќе има комплетно уредени бањи. Родителите кои ќе престојуваат во куќата ќе може да ги користат заедничките простории како кујна, трпезарија и дневна соба. За децата кои ќе престојуваат во оваа родителска куќа ќе има посебно опремена соба за едукација и разонода, како и библиотека. Престојот во куќата и појадокот ќе биде бесплатен, а во куќата ќе може да престојуваат само оние родители кои ќе добијат препорака од одделенските лекари и директорот на Детската клиника, каде се лекуваат децата.
За непречено функционирање на куќата, ќе се грижи Здружението САНО, а Министерството за здравство ја презема обврската околу комуналиите.
Марија Тасев, претседателка на Здружението САНО, објаснува дека во Македонија единствен центар за лекување на детски карциноми е Клиничкиот центар во Скопје. Во него доаѓаат дечиња од цела земја, а со нив и родителите.
-Децата ќе се сместат во болница, а родителите од другите места од земјава се снаоѓаат како умеат. Некои спијат кај роднини, ако ги имаат, но некои и по околните подруми во куќите околу клиника. Или најчесто мајката спие со детето на клиника и зафаќа место за некое друго дете што треба да се хоспитализира. Нехигиенските услови во кои престојуваат родителите често се причина и за пренесување инфекции. Но, на родителот на дете на кое му е дијагностициран карцином, покрај тоа што најверојатно не му се живее, му треба некој што ќе му подаде рака и позитивна мисла. Ете од овие причини ја градиме родителската куќа, заедно со Министерството за здравство, и со многу други лица кои донираат од срце, а помага и Ротари интернешнл клубот – Скопје. Таа наскоро ќе биде отворена – објаснува Тасев.
Покрај обезбедениот престој на родителите, тие ќе имаат можност да бидат вклучени во неколку работилници за психо-социјална поддршка која ќе им го олесни периодот на лекување на нивните деца.