МЗ: Се осовременува календарот за имунизација со деветвалентна вакцина против ХПВ, вакцината ќе биде достапна и за момчињата
Почитувани,
Министерот за здравство, д-р Илир Демири, заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, националната координаторка за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова, специјалната претставничка на СЗО во земјава, Ане Јохансен, претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Патриција ДиЏовани и претставникот од УНФПА, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за осовременување на календарот за имунизација со деветвалентна вакцина против ХПВ.
Демири потенцираше дека покрај преминувањето од четиривалентна на деветвалентна, ХПВ вакцината ќе биде достапна и за момчињата.
-Со ова, го следиме примерот на високоразвиените европските здравствени системи и обезбедуваме поголема заштита на младата популација од ХПВ вирусите. Деветвалентната ХПВ вакцина е од светски реномиран производител, МСД од Холандија и ги исполнува највисоките критериуми за квалитет, безбедност и ефикасност – ХПВ вакцината обезбедува долготрајна повеќегодишна заштита. Оваа вакцина штити од инфекции предизвикани од хуман папилома вирус и од развој на преканцерозни лезии, рече Демири.
Грозданова истакна дека целта за вакцинирање на момчињата е двојна и дека со тоа се спречува момчињата да бидат трансмитери, односно да ја пренесуваат ХПВ инфекцијата, но и самите да бидат заштитени бидејќи и кај нив се развиваат ХПВ асоцирани болести.
-Најчестите ХПВ асоцирани болести кај жените се цервикалниот карцином на грло на матка, кацином на вагина, вулва и анус, додека кај мажите тоа е ларциномот на пенисот, карцином на анусот и кај двата пола забележан е пораст на орофаријангијалниот карцином. Со вакцинирање на возраст помеѓу 12 и 15 години се постигнува најдобар имунолошки одговор на организмот. Се вакцинираат и девојчиња и момчиња пред да бидат изложени на вирусот, истакна проф. Грозданова.
Деветвалентните ХПВ вакцини ќе бидат достапни од следниот месец во сите вакцинални пунктови во државата.
„Вакцините досега спасија повеќе животи од кој било друг пронајдок во историјата на човештвото. Го знаеме ова како факт. Кога родителите го вакцинираат своето дете, тие го штитат од болести своето дете, другите деца и целата заедница“, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Родителите и децата ја имаат најважната улога во процесот на одлучување за ХПВ вакцината и затоа им се потребни проверени информации за да ги разберат придобивките од вакцината. Важно е сите ние да продолжиме да вложуваме напори за ниту едно дете да не пропушти вакцини што спасуваат живот поради дезинформации и лажни вести. Нашата порака е многу едноставна – да се биде вакциниран е најдобриот начин да се спречи ХПВ инфекција, рак на грлото на матката и други видови рак поврзани со ХПВ“.
-По повод воведувањето на новата вакцина, искрени честитки за напредокот на државата кон остварувањето на долгорочните стратешки цели од „Агендата 2030“. Вклучувањето на момчињата во процесот на вакцинација, нè приближува сите до посакуваното зголемување на опфатноста со ХПВ вакцина во Северна Македонија од околу 90%. Воедно, голема, искрена благодарност и до новинарите, чија улога и помош во обликувањето на јавното мислење високо ја цениме. Ви благодариме што сте наши партнери на патот кон подобро здравје за сите, истакна д-р Ане Јохансен, специјална претставничка на Светската здравствена организација
Се проценува дека ХПВ-вакцината може да спречи 70% од случаите на цервикален карцином, 80% од анален карцином, 60% од вагинален карцином, 40% од вулварен карцином, и покажуваат повеќе од 90% успешност во спречувањето на ХПВ-позитивните орофарингеални карциноми. Во однос на заштитата веќе се достапни податоци за потврдена ефикасност од повеќе од 10 години на оваа деветвалентна вакцина.