Министерот за здравство, д-р Венко Филипче го отвори состанокот на министрите за здравство на Југоисточна Европа, што се одржува денеска во хотелот Александар Палас во Скопје. Поздравно обраќање имаше и Питер Сендс, извршен директор на Глобалниот Фонд за борба против ХИВ, маларија и туберкулоза.
На состанокот учествуваат министри за здравство и високи државни претставници на земјите од Југоисточна Европа, членови на Управниот одбор и Секретаријатот на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, туберкулоза и маларија, претставници на билатералните и мултилатерналните партнери, претставници од граѓанскиот сектор, како и клучни популации, засегнати од болестите.
Целта на министерскиот состанок е да се дискутира за напредокот, предизвиците и можностите за постигнување одржливи одговори на ХИВ и ТБ во Југоисточна Европа. Учесниците на состанокот ќе имаат можност да разменат мислења за добрите практики во управувањето, финансиите и програмите, особено во работата со НВО, да се идентификуваат недостатоците и можностите за нивно надминување, да ги споделат научените лекции и преостанати потреби за соработка со заинтересираните страни од владите во други земји, граѓанското општество, донаторите и мултилатералните партнери.
Исто така, вечерва, во Македонската филхармонија, со почеток во 20:00 часот, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев ќе ја отвори свечената церемонија на 39. состанок на Одборот на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, туберкулоза и маларија.
Глобалниот фонд за борба против ХИВ, туберкулоза и маларија е меѓународна финансиска организација, која има за цел да обезбедува дополнителни ресурси за спречување и лекување на ХИВ, туберкулоза и маларија. Глобалниот Фонд е основан во 2002 година, како партнерство меѓу владите, граѓанското општество, приватниот сектор и луѓето погодени од болестите.
Во Република Македонија Глобалниот Фонд е присутен од 2004 година. Во изминатиот период од 13 години (од ноември 2004 до декември 2017 година) во Република Македонија има инвестирано 33 милиони долари преку програмите за ХИВ и за туберкулоза.