Министерот за здравство д-р Венко Филипче од претставничката на Светската здравствена организација во Скопје, д-р Жихан Тавила, прими донација на медицинска опрема за Клиниката за неврологија. СЗО за Клиниката донираше 25 монитори за следење на виталните параметри на пациентите – пулс, притисок, ЕКГ, телесна температура, сатурација и број на респирации, 50 пулс-оксиметри и 50 инфрацрвени термометри. Донацијата е во висина од над 2,5 милиони денари.
Министерот Филипче, се заблагодари, истакнувајќи дека истата ќе биде од голема помош за Клиниката.
-Оваа помош ќе биде од голема поддршка за Клиниката за неврологија. Опремата ќе се користи како за пациентите во ковид ценатрот, така и за пациентите од одделите на Клиниката, станува збор за тешки пацинети кај кои е потребно мониторирање на виталните функции. Светската здравствена организација е наш стратешки партнер, во многу сегменти во здравството, уште повеќе од почетокот на корона пандемијата. д-р Жихан Тавилах и СЗО, сите овие месеци даваат огромна поддршка на нашиот систем за справување со вирусот за што им благодарам, рече Филипче.
Претставничката на Светската здравствена организација во Скопје, д-р Жихан Тавила упати благодарност на луѓето кои се на првата борбена линија со вирусот, како што ги нарече „нашите херои“ – здравствените работници – кои деноноќно нè чуваат и работат во служба на нашите заедници.
-Во изминатите 12 месеци се промени текот на историјата, а сè уште не знаеме кога сето ова ќе заврши. Сакам да им честитам на целата влада и на министерот за здравство д-р Филипче за вложувањето на сите можни напори и ресурси (човечки и финансиски), како и за покажаната енергија и добра волја за ставање под контрола на кризата предизвикана од КОВИД-19. Денешната донација од СЗО е дел од пакетот на поддршка што СЗО оваа година ѝ ја обезбеди на Северна Македонија за зголемување на безбедноста на пациентите и здравствените работници и за подобрување на лекувањето на болните од КОВИД-19, рече д-р Тавила.