ПРЕПОРАКИ ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД РАБОТА НА НЕКОЛКУ КАТЕГОРИИ ГРАЃАНИ И ЗАБРАНА ЗА ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ НА ОТВОРЕНО

Владата на денешната онлајн седница по добиената информација за високите температури во коишто се наоѓа државата, ги усвои следните препораки, мерки и превенција за заштита:

-Од работни обврски се ослободуваат бремените жени и лица на возраст над 60 години во период од 12.07.2024 година (петок) до 18.07.2024 година (четврток).

-Во истиот период, работодаваците да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење на градежни и други физички активности на отворено во период од 11 до 17 часот.

-Воедно, на владина седница се донесе одлука за детските градинки да не се практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во период од 11 до 17 часот.

Исто така, Владата препорачува до единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и на бездомници, a со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик за здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Владата на Република Северна Македонија постојано ја следи состојбата поврзана со високите временски температури и за таа цел навремено презема соодветни мерки за заштита на населението.

Потсетуваме дека населението во летниот период потребно е да ги почитува следните општи мерки за заштита на здравјето, како што се:  

– Во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почест одмор под сенка.    

– Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крем со висок заштитен фактор.    

– Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку мaсна храна.  

– Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење,  а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.  

– При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.    

– Хронично болните лица редовно да ја земаат пропишаната терапија, во консултација со матичните лекари.    

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува: задолжително миење на свеж зеленчук и овошје пред нивната употреба; термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу краток рок по подготовката, како и избегнување термички необработени производи.         

Сподели на:

Related Posts