ПРЕПОРАКИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА РИЗИЦИТЕ ОД ВИСОКИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ

Нашата држава од денеска (четврток, 13 јули, 2023 година) е зафатена од високи температури од портокалова фаза. Почнуваат да важат препораките за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.

• Ослободување од работни обврски на бремените жени и лица на возраст над 60 години;
• Во установите за згрижување на децата да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено од 11:00 до 17:00 часот;
• Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници;
• Ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област;
• Приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
• Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, особено се однесува на градежните работници;
Владата одлучи овие мерки да бидат со времетраење од четири дена, од 13 – 16 јули, до натамошно одлучување.

Потсетуваме дека населението во целиот летен период потребно е да ги почитува општите мерки за заштита на здравјето.

1. Во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
2. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крем со висок заштитен фактор.
3. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку мрсна храна.
4. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
5. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
6. Хронично болните лица редовно да ја земаат пропишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
7. Задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба.
8. Термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу краток рок по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 4 степени Целзиусови, а пред употребата истата да се загрее на + 100 степени.
9. Да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови.

Сподели на:

Related Posts