Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска се обрати на трибината посветена на неделата за подигнување на свеста за ракот на грлото на матката во организација на Здружението „Борка – за секој нов ден“.

Во изјавата за медиуми, министерот Филипче потенцираше дека има четиривалентна вакцина, што е влезена во редовниот Календар за вакцинација. 

-Морам да потенцирам дека имаме и четривалентна вакцина, што е влезена во редовниот календар за вакцинација. Таа вакцина штити од најчестите предизвикувачи на ракот на грлото на матката и на некои бенигни промени, како што се кондиломите. Опфатот со вакцинација од оваа вакција е нешто над 50%. Сакам да кажам уште еден новитет, што сега како пилот проект во рамки на активноста на гинеколошко-акушерската клиника ќе се спроведува, а тоа е тестирање за ХПВ вирусот, доколку се направи тој тест, жената во следните пет години не мора секоја трета година да оди на преглед, и доколку се детектира да се постапи согласно европските протоколи, рече министерот Филипче.
Претседателката на Здружението „Борка – за секој нов ден“ Биба Додева изјави во однос на 2009 година, денеска бројката на новодијагностицирани со рак на грло на матката е двојно намалена.
-Веќе 11 година, „Борка“ ја одбележува Европската недела за подигнување на свеста за ракот на грло на матка. Тоа што ние сакаме да го потенцираме како Здружение и еден од чинителите за подобрување на здравствениот систем во нашата држава е дека овој рак е превентабилен, односно жените можат да го препознаат претканцерогена состојба ЦИН 1 и ЦИН 2. Има вакцина, има скрининг програми и апелот наш е да се искористат програмите за да може тој да се детектира во рана фаза, кадешто лекувањето е успешно. Исто така, би сакала да потенцирам дека после 11 години се гледа напредокот во тоа што ние како Здружение заедно со релевантните институции и Владата го правиме. Односно, доколку во 2009 година бројот на новодијагностицирани изнесуваше над 500 нови случаи од рак на грло на матката, сега таа бројка е некаде над 200 и речиси за половина се намалени дијагностицираните, потенцираше претседателката на Борка, Додева.
Претседателот на Македонското здружение за цервикална патологија, доц. д-р Горан Димитров рече дека од почетокот на 21 век има вакцина против причинителот на ракот, а тоа е хумано-папилома вирус (ХПВ).
-Ракот на грлото на матката е еден од најпревентабилните видови рак кај човекот, затоа што веќе од почетокот на 21 век имаме вакцина против причинителот на ракот, тоа е хумано-папилома вирус. Се повеќе и повеќе се усовршуваат методи за рано откривање, коишто ги надминуваат тие коишто биле откриени во 30-те и 40-те години на 20. век. Постепено, Папаниколау тестот оди во историјата. Тој бил некогаш триумф, меѓутоа сега почнува да станува трагедија и во САД од три карциноми коишто ќе бидат откриени, два се резултат на тоа што ПАП-от бил погрешен, фактички бил лажно негативен, а 21. век е век на ХПВ тестирање, како примарно, фактички да се види кои од жените се заразени од онкогени типови вируси и на база на вирусот да им се направи дијагностичка постапка и тој рано да се открие и подобро е да се спречи, отколку да се лекува, истакна д-р Димитров.