ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ СТРАТЕШКИ ПАРТНЕР НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

Унапредувањето на третманот на лицата со ХИВ/сида е еден од врвните приоритети на Владата на Република Македонија и Министерството за здравство. Оваа година е значајна, бидејќи државата во целост ги презема обврските за обезбедување терапија за овие лица, кои во претходните години беа потпомогнати со  грант на Глобалниот фонд, информираше министерот за здравство, д-р Венко филипче на денешниот настан по повод потпишување на договорите со 15 граѓански асоцијации. 

-Токму во овој процес, граѓанските организации се клучни партнери на Министерството во националниот надзор за одржување ниска стапка на ХИВ и туберкулоза во државата. На последниот повик објавен на 7 февруари 2018 година, аплицираа 15 граѓански организации, и поводот за денешниот настан е потпишување договори со овие организации, со што ќе ја официјализираме соработката.

Со јавниот повик се доделуваат 47 милиони денари на невладините организации, и тоа за повеќе различни активности кои ќе се спроведуваат низ целата држава, меѓу кои:

  • Превенција на ХИВ кај клучните популации – програми за МСМ (мажи што имаат секс со мажи)
  • програми за лица кои инјектираат дрога
  • програми за сексуални работници
  • Позитивна превенција и психосоцијална поддршка кај лица со ХИВ и нивни партнери со превенција кај МСМ (мажи што имаат секс со мажи)
  • Активности за теренско ХИВ тестирање и советување кај клучните популации
  • Психосоцијална поддршка за лица што се лекуваат од зависност од дрога
  • Активности за дијагноза и третман на СПИ (сексуално преносливи инфекции) и услуги за сексуално и репродуктивно здравје кај клучните популации и млади лица. 

За потсетување, овие средства се обезбедени во рамки на Програмата на Министерството за здравство за заштита на населението од ХИВ инфекција за 2018 година, која изнесува 95.000.000 денари.

Стратешка определба е да ја задржиме ниската стапка на преваленцата на ХИВ во Република Македонија вклучувајќи ја и преваленцата помеѓу популациите за кои се смета дека се под најголем ризик.

Сподели на:

Related Posts