Во врска со Програмата за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација) за пензионери во Република Македонија, Министерството за здравство Ве известува дека Владата на Република Македонија за 2018 година ја донесе Програмата за изменување и дополнување на Програмата за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација) за пензионери во Република Македонија за 2018 година и е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/18.
Министерството за здравство особено истакнува дека со овие измени и дополнувања на постојната Програма не се прават измени во делот на содржината која се однесува на пензионерите. Измените и дополнувањата се однесуваат на нова категорија лица кои во иднина ќе бидат опфатени со оваа Програма.
Имено, како нова категорија лица се децата до 18 години чии семејства се корисници на правото на социјална парична помош. Со Програмата овие деца се ослободуваат од партиципација при користењето на специјалистичко-консултативните и болничките здравствени услуги, освен за лековите од Листата на лекови издадени на рецепт во примарната здравствена заштита и за лекувањето во странство. На овој начин се обезбедува соодветна грижа и унапредување на здравствената состојба на оваа ранлива категорија на лица.
Следењето и имплементацијата на Програмата продолжува да ја врши Министерството за здравство и за таа цел Ве известуваме дека и во иднина продолжувате со доставување на фактурите на месечно ниво, за кои ќе биде подготвен и објавен на веб страната на Министерство за здравство нов образец, со кој ќе бидат опфатени и пензионерите и децата до 18 години чии семејства се корисници на правото на социјална парична помош.
Како новина во текот на имплементација на Програмата е документацијата која треба да биде доставена во прилог на фактурата, а се однесува на децата до 18 години чии семејства се корисници на правото на социјална парична помош и тоа:
– Потврда издадена од надлежниот Центар за социјални работи дека детето е член на семејство кое е корисник на социјална парична помош. Потврдата треба да биде издадена во периодот кога е користена здравствената услуга.
– Спецификација од Вашата здравствена установа која ќе содржи: име и презиме на детето/корисник на здравствената услуга; возраст на детето /корисник на здравствената услуга и износ на партиципација за секое дете/корисник на здравствената услуга одделно.
За дополнителни информаци или појаснувања можете да се обратите до лицето одговорно за програмата – Арменд Бајрами, контакт број 075 240 718.